Работнички и Победа се првите домашни прволигаши кои во пролетниот дел од сезонава се одлучија да ги променат тренерите по незадоволителниот старт. И струмичка Беласица официјално го именуваше Ѓоко Хаџиевски за свој нов стратег, но поранешниот македонски селектор уште од зимскиот период беше дел од спортските структури на клубот.
Победа, со Тони Мегленски на клупата, ја очекува повеќе од тешко гостување против лидерот Шкендија во Тетово. Но, Мегленски најавува борба до последен здив во желбата да се покаже дека прилепчани имаат сили за опстанок.
„Мора да покажеме дека Победа има квалитет за прволигашка егзистенција. А, најдобар момент за тоа секако е натпреварот против најдобриот тим во лигата. Знаеме дека Шкендија е голем фаворит, но ние не планираме предвремено предавање иако ќе биде повеќе од тешко“ – вели Мегленски.
Работнички, пак, по оставката на Жикица Тасевски и назначувањето на Баже Лазаревски за нов шеф на стручниот штаб верува дека може да победа на гостувањето против Македонија ЃП. Но, „лавовите“ и на гостувањето против Шкупи покажаа дека се повеќе од одлична екипа која знае што сака од секој натпревар.
„Секако сакаме продолжување на нашата позитивна серија. Знаеме дека Работнички со нов тренер сега силно ќе атакува на победата, но веруваме во нашите можности за нов позитивен резултат“ – вели капитенот на Македонија ЃП, Боби Божиновски.
ПМФЛ – 25. КОЛО (денеска, 15:30 ч.)
СКОПЈЕ: Македонија ЃП – Работнички
ТЕТОВО: Шкендија – Победа
СКОПЈЕ: Вардар – Силекс
ТУРНОВО: Академија Пандев – Ренова
СТРУМИЦА: Беласица – Шкупи
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА