Првиот голман во македонската репрезентација, Борко Ристовски во очекување на утрешната втора пресметка со Исланд од квалификациите за ЕП 2020 потенцира дека триумфот во Рејкјавик воопшто не е случаен и среќен, како што се обидуваат да го дефинираат од таборот на Исланѓаните.
„Не држат приказните кои доаѓаат од исландскиот табор дека Македонија имала само среќа, па затоа дојдовме до победата во Рејкјавик. Среќата не доаѓа сама по себе, но факт е дека одигравме еден одличен натпревар во нападот. Селекторот на Исланд само си бара алиби со таквите изјави, а нас ни преостанува утре да одиграме повторно еден квалитетен натпревар и да докажеме дека тоа во Исланд не беше ниту среќа ниту случајност“ – коментира Ристовски, притоа дополнувајќи:
„Ние во Рејкјавик не добивме ништо што не сме заслужиле. Работиме навистина онака како што треба сите изминати години. И, ако погледнете компарирано со репрезентациите од регионот, Македонија заедно со Хрватска, е единствена која била на сите големи натпреварувања последниве години. Можеби не освојуваме медали, но секогаш сме меѓу најдобрите 10-12 селекции во Европа и во светот“.
А, осврнувајќи се на тајната на победата во Исланд, која пристигна можеби неочекувано за многумина…
„Ако се зборува за тајната на успехот во Исланд, можеби новиот селектор даде и една слобода во играта кај сите репрезентативци која, пак, ја немаа кај претходните селектори. Таа една поголема опуштеност, позитивната атмосфера, и секако добра тактичка подготовка вродија со плод па одигравме еден одличен натпревар во нападот кој не донесе до победата“ – вели Ристовски.
Според македонскиот голман, сепак не треба да се залажуваме дека утре во „Борис Трајковски“ ќе има лесен натпревар. Напротив…
„Сега не чека нов натпревар и мора да поправиме одредени недостатоци покажани пред се во одбраната. Ние голманите во Исланд немавме свој ден и мора тоа во Скопје да се подобри ако сакаме победа. Ќе биде многу потежок натпревар во кој противникот мора да го сведеме до 25 погодоци и тука да ја бараме нашата шанса за триумф. Очекувам сега еден далеку помотовиран Исланд, желен за реванш и затоа јавноста не треба да очекува наша победа од десет гола разлика. Но, очекувам и од нас посериозна игра и секако да дојдеме до нов триумф“ – истакнува Борко Ристовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА