Блокотехна вечерва (20.15 часот) ќе го пречека Работнички во вториот полуфинален натпревар од кошаркарскиот плејоф, откако актуелниот првак на премиерниот натпревар лесно славеше со 87-79. Во таборот на Блокотехна сепак се надеваат дека по двете претходни победи во салата „НОЕЛ“, во Првата лига и во Супер-лигата, повторно ќе успеат да го земат скалпот на шампионот.
„Свесни сме каде погрешивме на првиот натпревар и што треба да поправиме во играта. За да славиме вечерва ќе треба да покажеме поголемо трпение во дадени ситуации во нападот, а во одбраната мораме да бидеме поагресивни“ – истакнува плејмејкерот на Блокотехна, Марјан Младеновиќ.
Работнички играше променливо во Супер-лигата, но тимот на Марин Докузовски заигра одлично на стартот од полуфиналната серија. Ѓорѓи Чековски беше адутот на првиот меч, но јасно е дека Докузовски има доволно квалитет во својот тим за да слави во Гевгелија и да поведе со 2-0 во оваа полуфинална серија.
„Секој натпревар е приказна сама за себе. Мораме да останеме максимално фокусирани во текот на сите 40 минути бидејќи тоа е единствениот начин да се стигне до посакуваниот триумф на гостински терен против ово незгоден противник“ – порачуваат од таборот на Работнички.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

