Се е подготвено за стартот на големото финале во НБА-лигата, закажан за вечерва со премиерниот дуел меѓу Торонто репторс и Голден Стејт вориорс. Иако беа второпласирани во својата конференција, „рептилите“ од Канада ќе ја имаат предноста на домашниот терен бидејќи имаа подобар скор во регуларниот дел од сезоната во однос на „воините“.
Торонто се надмина со пласманот во финалето, прво во клупската историја, па сега канадскиот тим преполн со мотивација ќе се обиде да го земе и скалпот на актуелниот шампион. Каваи Ленард ќе биде главен адут на „рептилите“ во финалната серија, откако поранешниот ас на Сан Антонио постигнуваше по 31,2 поени во просек во овој плејоф.
Кевин Дурант ќе ги пропушти најмалку првите две средби за Голден Стејт, но „воините“ наспроти „црните сценарија“ одлично се снаоѓаат без својот олстар-ас, во чие отсуство немаат претрпено ниту еден пораз. Добра вест за тренерот Кер е што центарот Казинс ги надмина проблемите со својата повреда и ќе биде во тимот уште од првиот натпревар.
Tоронто и Голден Стејт одиграа две средби во регуларниот дел од сезоната и на двете славеа „рептилите“, најпрвин со 131-128 (по продолжение) на домашен терен, а потоа и со 93-113 на гостувањето во Оукленд.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА