Силекс останува во Првата фудбалска лига на Македонија откако го доби баражот за пополнување на последното место во елитата против второлигашот Тиквеш со 3-2. Во меч исполнет со многу возбудувања на стадионот во Ѓорче Петров, кратовци беа за нијанса подобри и заслужено славеа, со оглед дека имаа водство во најголемиот тек од дуелот.
Силекс поведе со два гола предност по првите 15 минути од мечот. Бобан Георгиев со одличен удар од далечина го отвори резултатот во 12.минута, а три минути подоцна реализираше и по центаршутот од десната страна.
Тиквеш се врати во игра со голот на Иван Ивановски во 22.минута. Сепак, кратовци повторно дојдоа до два гола позитива три минути подоцна, откако Марко Рајковиќ реализираше со удар со глава, по нафрлувањето од десната страна.
Силекс на одмор замина со предност од 3-1.
Тиквеш не се предаде лесно. Во 58.минута, Ѓорѓи Мојсов изведе слободен удар од голема далечина, шутираше кон голот, топката се одби до Иван Ивановски, кој намали на 3-2 и повторно донесе неизвесност. Сепак, Силекс успеа да го одбрани овој резултат и да го задржи местото меѓу прволигашите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА