Вимблдон го задржа трендот на зголемување на наградниот фонд за секое издание во последните неколку години, па така лондонскиот гранслем турнир на своите учесници ќе им подели над 42 милиони евра, дури 11% повисока сума во однос на лани.
Новак Ѓоковиќ за својата петта круна во Лондон ќе заработи 2.613.400 евра, додека Роџер Федерер како утеха за поразот во големото финале ќе добие 1.310.900 евра. Истите суми ќе ги добијат и финалистките во женска конкуренција, Симона Халеп ќе го добие износот на премијата на Ѓоковиќ, додека Серена Вилијамс онаа на Федерер.
Поразените во полуфиналните натпревари, Рафаел Надал и Роберто Баутиста Агут, се враќаат дома побогати за по 653.000 евра.
Наградите за дубл, во машка и во женска конкуренција, се по 600.000 евра за победниците, додека во мешан дубл премијата е значително пониска, „само“ 129.000 евра.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА