Последна шанса за Османи и Шкендија: Триумф над Борец или „чистка“!?

По катастрофалниот настап на европската сцена и очајниот старт на домашната сезона, Шкендија дефинитивно веќе се наоѓа на сериозна раскрсница околу начинот на кој ќе биде продолжен шампионатот. Во 4. коло од Првата македонска фудбалска лига тетовци денеска гостуваат во Велес против Борец каде неизбежно атакуваат на триумф како начин за мирна двонеделна пауза поради репрезентативните активности. Во спротивно, веќе се најавуваат промени во составот и стручниот штаб.

Јасно е дека централниот притисок е врз шефот на стручниот штаб Ќатип Османи на кога е товарот за неизбежниот триумф против Борец, но објективно погледнато сите во редовите на Шкендија знаат дека суштинскиот проблем лежи и во односот на фудбалерите. Три бода од Велес носат мирни води во редовите на шампионот, но факт е дека ако се суди според досегашните изданија на Шкендија сето тоа нема да биде ниту најмалку лесна задача.

Интересна пресметка се очекува и во Кратово каде Силекс ја пречекува Македонија ЃП. „Лавовите“, заедно со Ренова и Академија Пандев, се еден од трите непоразени тим во досегашниот тек од првенството па сигурно посакуваат нов натпревар без пораз.

„Веруваме во се што работиме овој период, мотивирани сме за секој противник и тоа не води на секој натпревар. Секако знаеме дека во Кратово секогаш е повеќе од тешко да се игра против Силекс, но нашата желба секако е за позитивен резултат“ – вели стратегот на Македонија ЃП, Александар Таневски.

ПРВА ЛИГА – 4. КОЛО (денеска, 16.30 ч.)

Велес: БОРЕЦ – ШКЕНДИЈА

Скопје: РАБОТНИЧКИ – АК. ПАНДЕВ

Струга: СТРУГА ТЛ – ШКУПИ

Кратово: СИЛЕКС – МАКЕДОНИЈА ЃП

УТРЕ (16:30 ч.)

Тетово: РЕНОВА – ВАРДАР

Се вчитува...