Македонскиот тенис има иднина: Јанев и Митевска триумфираа на турнирот Ј30 Скопје – Поинтер опен 2026

Македонскиот тенис добива нова генерација таленти кои сѐ погласно го најавуваат своето присуство на меѓународната сцена. Изминатата недела во Скопје, младите македонски тенисери Кристијан Јанев и Сара Митевска уште еднаш покажаа дека иднината на овој спорт кај нас е светла, освојувајќи ги титулите на силниот јуниорски турнир J30 Скопје – Поинтер опен 2026.

На терените на ТК Поинтер Тенис Парк, пред домашната публика блеснаа Сара Митевска и Кристијан Јанев, кои со одлични партии стигнаа до победничките пехари и испратија силна порака дека македонскиот тенис има на што да се надева во наредните години.

Митевска одигра импресивен турнир и до титулата стигна без загубен сет. Македонската тенисерка доминираше во текот на целата недела, а во петте меча загуби само 22 гема. Во големото финале таа беше подобра од втората носителка Нор Кулеманс од Белгија со 2-0 во сетови (6:3, 6:2).

Претходно, Митевска убедливо ја елиминираше Јоана Менцелоу од Грција, препуштајќи ѝ само два гема, додека во второто коло ја совлада Ива Колев од Србија со идентични 6:3 и 6:2. Во четвртфиналето беше подобра од Марија Чалкова од Бугарија, а во полуфиналето сигурно ја победи Есенија Бејлокова со 6:2 и 6:1.

Возбудливо беше и во машката конкуренција, каде што Кристијан Јанев покажа зрелост, карактер и квалитет во клучните моменти. Во финалето македонскиот тенисер славеше против вториот носител Богдан Мандиќ од Јужна Африка со 2-1 во сетови.

Јанев првиот сет го доби со 7:5, противникот возврати со 6:4 во вториот, но во решавачкиот сет Македонецот целосно доминираше и со 6:2 стигна до голем триумф.

На патот до финалето, Јанев го совлада Никола Ивасковиќ од Србија, потоа беше подобар од Бенџамин Смит од Германија, а во четвртфиналето убедливо го елиминираше Алберт Иван од Романија. Во полуфиналето, пак, сигурно славеше против Марин Абаџиев од Бугарија.

Овие резултати претставуваат уште една потврда дека македонскиот тенис располага со сериозен потенцијал и талентирана генерација која допрва треба да го покаже својот максимум. Победите на Митевска и Јанев не се само личен успех, туку и мотив плус за развојот на тенисот во Македонија, спорт кој последниве години добива сѐ поголемо внимание и создава млади спортисти подготвени за интернационални предизвици.

Се вчитува...