Смилковски: Можеме да бидеме горди на АБА2…

ТФТ имаше извонредна сезона во регионалното натпреврување во кое македонскиот вицепрвак најпрвин стигна до финалето на АБА2 каде загуби од Широки бријег, а потоа беше поразен и во двете пресметки од баражот со Борац Чачак.

„Црно-белите“ од Тафталиџе загубија здив во финишот од сезонава, но тоа не го брише одличниот впечаток што го оставија во изминатите месеци во АБА2.

„Тоа што го кажав и во соблекувалната веднаш по мечот, дури и пред почетокот на дуелот со Борац, е дека доколку се свртиме зад нас и направиме еден осврт на сезоната во АБА2, не ни останува ништо освен да бидеме горди на нашиот успех. Од некоја зацртана цел да бидеме дел од плејофот, направивме чекор напред и стигнавме до финалето. За малку ни побегна резултат против Широки, додека против Борац беше евидентна разликата во класа меѓу екипите од АБА1. Сето тоа сепак е добар показател за нас, да видиме што е потребно да достигнеме ако сакаме да бидеме дел од таа лига“, изјави тренерот Боро Смилковски.

Пеколниот ритам на ТФТ продолжува веќе утре со вториот дуел од полуфиналето во плејофот на гостински терен со Маџари, дуел на кој пораз ќе значи и губење на оваа полуфинална серија.

„За нас сега останува борбата за македонското првенство, продолжуваме со дуелот против Маџари каде што сме во резултатски дефицит. Мечот е веќе во вторник, немаме време за жалење, малку одмор и одиме да го дадеме максимумот“, порачува Смилковски.

Се вчитува...