Работнички – Академија Пандев во една од двете дерби пресметки на 4. коло од Првата македонска фудбалска лига. „Романтичарите“ денеска од 16:30 часот на националната арена „Тодор Проевски“ во Скопје во обид први да стигнат до „скалпот“ на струмичани, кои се една од трите досега непоразени екипи во шампионатот.
По досегашните игри „топло-ладно“, составот на Александар Влахо, дефинитивно посакува стабилизација на формата, а Академија Пандев, без сомнение, е идеалниот противник за да се потврди квалитетот на новиот тим на „романтичарите“.
Од друга страна, „пандевци“, сосема јасно, посакуваат зачувување на врвот од првенствената табела. А, тоа е можно само доколку се избегне пораз во Скопје. Академија Пандев е тим кој досега и нема примено погодок во новата сезона. Па, желбата во таборот на Југослав Тренчовски е тоа така и да остане.
Најпријатното изненадување во досегашниот тек од првенството, Струга Трим Лум во нов натпревар пред своите навивачи атакува на нова победа. Овој пат против Шкупи кој во Струга доаѓа без досегашниот тренер Умит Каран, кој си поднесе оставка.
„Имаме добар старт на сезоната, но не сакаме воопшто да летаме во облаци, туку напротив мора да останеме цврсто на земја и додека не оствариме првата наша цел – опстанок во лигата, да не помислуваме на ништо друго. Затоа одиме чекор по чекор, секако со желба за триумф на секој натпревар но без преголемо залетување“ – вели офанзивецот на Струга ТЛ, Христијан Кировски.
ПРВА ЛИГА – 4. КОЛО (денеска, 16.30 ч.)
Велес: БОРЕЦ – ШКЕНДИЈА
Скопје: РАБОТНИЧКИ – АК. ПАНДЕВ
Струга: СТРУГА ТЛ – ШКУПИ
Кратово: СИЛЕКС – МАКЕДОНИЈА ЃП
УТРЕ (16:30 ч.)
Тетово: РЕНОВА – ВАРДАР
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА