Јуниорскиот тим на МЗТ Скопје уште еднаш потврди дека поседува извонреден потенцијал откако денеска стигна до третата победа на турнирот од АБА-лигата што се одржува во Задар. По победите над Морнар и Заадар, малите „штркови“ денеска славеа и над словенечкиот гигант Цедевита Олимпија, и тоа со резултат 82-70.
Блескавата игра во третиот период (21-12) на талентите од Аеродром им ја донесе клучната предност и тоа од релативно изедначената игра во останатите четвртини. Избраниците на тренерот Крстевски потоа го издржаа последниот налет на тимот од Словенија, заслужено на крајот радувајќи се на победата.
Никола Кацарски одигра феноменално и средбата ја заврши со дабл-дабл ефект од 21 поен и дури 16 скока, додека двоцифрен поентерски ефект имаа уште и Дарио Митевски со 18, Виктор Исајловски со 13 и Андреј Андоноски со 10 поени.
Пласман на завршниот турнир ќе обезбедат двете најдобри екипи од натпреварувањето во Задар. МЗТ би можел веќе вечерва да го осигура второто место, доколку Копер Приморска го загуби својот денешен дуел против домаќинот Задар. Доколку словенечкиот тим слави, тогаш МЗТ Скопје ќе брка победа во последното коло токму против овој ривал за потврда на извонредниот настап на овој турнир.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА