СПОРТСКИ ВРЕМЕПЛОВ: На кошаркарски меч постигнале само еден кош

На сојузниот натпревар во Белград 1946 година белградски Партизан ја победи Македонија од Скопје со 71:1

Пишува Миодраг Мицковиќ

Дали некој ќе поверува дека една екипа може на кошаркарски меч да постигне само еден кош и тоа од слободно фрлање. Не, сепак не е грешка, беше постигнат само еден кош за 40 минути игра. Тој неславен рекорд го забележаа кошаркарите на Македонија од Скопје кои во далечната 1946 година настапија на Сојузното натпреварување во Белград, на отвореното игралиште на Калемегдан. Загубија од белградски Партизан со неверојатни 71:1. Точно толку, повторно да напишеме со 71:1.

На тоа Сојузно натпреварување, кое беше второ и се сметаше за екипно првенство на поранешна Југославија покрај Македонија настапија и Партизан, Металац и Црвена звезда од Србија, Слобода од Љубљана, Задар, Славија и Риека од Хрватска и Еѓшег од Нови Сад /Војводина/. Екипата на Риека играше надвор од конкуренција бидејќи тогаш уште беше актуелно прашањето околу територијата на Истра и Трст.

Македонија беше претставник на нашата република бидејќи во финалето на првенството на Македонија го победи Работнички со 28:18. Недоволно подготвени, без некое посебно кошаркарско знаење, играчите на Македонија заминаа за Белград, со воз, по пат запознавајќи се со најосновните кошаркарски правила. Не беа ниту најдобро спортски опремени, се снаоѓаа сами како што знаеја бидејќи спортската опрема во тоа време тешко се набавуваше, се купуваше единствено во странство најчесто во Италија.

– Нашиот гимнастички клуб како што се викаше Македонија, иако играа кошарка немаше во тоа време доволен број патики за сите, некои играчи во Белград играа со стари искинати патики „шангајки“, некои дури и боси но за среќа маичките ни беа еднообразни бидејќи ги набавивме со тогаш популарните „точкици“ што се добиваа за купување на текстил. За тие неколку дена игравме на сите мечеви во тие исти маички, немавме други, ни раскажуваше еден од основоположниците на кошарката во Македонија Перо Димовски.

До Белград се патуваше со воз околу 12 часа, во вагони со дрвени седишта, немаше ниту спални вагони ниту вагони од прва класа. Играчите со себе носеа храна, сендвичи, печени кокошки, кој што имаше, клубот не ја плаќаше храната. Храната ја надополнуваа на попатните станици каде и полнеа шишиња со вода.

На турнирот во Белград играчите на Македонија за првпат играа со вистинска кошаркарска топка, на финалната средба во Скопје за првенство на Македонија се играше со одбојкарска, друга немаше. На мечот со Партизан, за кој настапија повеќе познати кошаркари, кои подоцна играа и за репрезентацијата на Југославија, почнал да врне дожд, се играло на отворено, немало сали тогаш, топката била лизгава, теренот од црвеница исто така. Во тоа време немаше „тројки“, не се играше на 30 секунди, времето се мереше со штоперица ,се играше 2 x 20 минути.

Македонија играше во состав: Асен Николовски, Миха Илиевски, Петар Димовски, Константин Тодоровски, Тошо Тодоровски, Константин Лешков, Јордан Димитровски, Никола Цветковски и Етем Омерагиќ.

На крајот на натпреварот во записникот беше запишано, немаше тогаш семафор за да се види крајниот резултат: Партизан-Македонија 71:1. Не е познато каков резултат беше на полувремето. Единствениот кош за Македонија го постигнал Асен Николовски и тоа од слободното фрлање. Првото не го искористил.

Инаку тренер на Македонија беше познатиот Славко Матовски, кој не играше на тој натпревар, но практично сите играчи беа тренери. Што е уште поинтересно по мечевите сите играчи мораа да одат на лекарски преглед. Не беа тоа допинг контроли, се мереше крвниот притисок на кошаркарите и капацитетот на градите по сите тие напори. Прегледите ги вршеше подоцна еден од најпознатите спортски лекари во Југославија д-р Смодлака.

На првенството победија кошаркарите на Црвена звезда, екипата на Македонија го освои последното, седмо место со седум порази и кош разлика од 74:287.

Се вчитува...