Прволигашките клубови од Првата лига по пат на електронско гласање утврдија предлог да не биде прогласен шампион на Македонија за сезоната 2019/20 и да нема испаѓање на двата последни клуба од елитата. Ова значи дека лидерот МЗТ Скопје Аеродром е надгласан во обидот да ја добие шампионската титула надвор од теренот, со недоиграно првенство. Сега предлогот ќе биде доставен пред УО на КФСМ, кој веќе еднаш гласаше да има шампион и да нема испаѓање од лигата. Како што е познато, Првата лига е прекината поради пандемијата на коронавирусот и нема да се доигра.
Четири клуба, КК Работнички – Скопје, КК Гостивар-Гостивар, КК Вардар-Скопје и КК Куманово 2009-Куманово се произнесоа да не се прогласи шампион за сезона 2019/20, со тоа што нема да има испаѓање од Прва лига-мажи.
Три клуба, КК МЗТ Скопје Аеродром АД-Скопје, КК МЗТ Скопје Уни-Банка-Скопје, и КК ФМП Академија-Скопје се изјаснија за предлогот: КК МЗТ Скопје Аеродром АД да се прогласи за шампион за сезона 2019/20, со испаѓање на двата последни клуба од Прва Лига-мажи.
Три клуба, КК Еуро Никел 2005-Кавадарци, КК Кожув-Гевгелија и КК Пелистер-Битола беа воздржани во гласањето по предлогот од страна на федерацијата.
Во текот на вчерашниот ден, Кошаркарската федерација на Северна Македонија достави официјално известување до претставниците на клубовите во Првата лига-мажи, а во врска со вонредната состојба во нашата држава поради пандемијата на COVID-19, и неможноста да се одигруваат кошаркарските натпревари од Првата Државна лига-мажи за сезона 2019/20, со два (2) предлога за начинот на завршување на натпреварувањето.
Прв предлог: Согласно моменталната табела по 17.одиграни кола, да се прогласи КК МЗТ Скопје Аеродром АД за шампион за сезона 2019/20, со испаѓање на двата последни клуба од Прва Лига-мажи
Втор предлог: Да не се прогласи шампион за сезона 2019/20, со тоа што нема да има испаѓање од Прва лига-мажи
Согласно ова раководството на КФСМ, денеска, преку конференциска врска одржа консултативен состанок со претставниците на клубовите, а резултатот на ова гласање ќе го формулира како дефинитивен предлог и ќе го стави пред членовите на Управниот Одбор на КФСМ кои треба да ја донесат конечната одлука за заклучување на натпреварувањето во Првата лига-мажи за сезоната 2019/2020.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА