„Жељко Обрадовиќ е нашиот Мајкл Џордан“

Италијанскиот репрезентативец Џиџи Датоме никогаш не го криеше задоволството од можноста да соработува со Жељко Обрадовиќ во Фенербаче, а крилниот кошаркар сега отиде чекор понапред – споредувајќи го трофејниот стратег со Мајкл Џордан.

„Одлично е да се биде трениран од Жељко. Знае да биде многу тешко, но ако ја завршиш работата како што треба секогаш следи награда. Тој е роден победник, има неверојатна страст кон играта, но најмногу ми се допаѓа што секогаш е искрен кон кошаркарите. Тој е нашиот Мајкл Џордан. Знам дека споредбата за некого ќе биде нереална, но тој е лидер на нашата група, а како играч прифаќаш некои ситуации кои не би ги прифатил кај други тренери. Прекрасно е да се соработува со Жељко Обрадовиќ“, изјави Датоме.

Италијанскиот интернационалец се уште не знае дали ќе остане во Фенербахче и во следната сезона.

„Се зборува за помал буџет, но ако ги слушавме шпекулациите Фенер ќе се распаднеше кога Улкер и Догуш го напуштија клубот како спонзори. Одиме чекор по чекор, прво да видиме дали и како ќе ја доиграме Евролигата, а потоа ќе добиеме и можност да дискутираме за иднината. Јас би бил најсреќен кога би останал во Истанбул до крајот на кариерата, но доколку се случи да заминам, добро ќе размислам каде би играл наредната сезона“, вели Џиџи Датоме.

Се вчитува...