Марјан Илиевски е тренерот што ќе го предводи новиот проект на КК Пелистер, во обид да го приближи битолскиот клуб до врвот на македонската кошарка. Битолчани се најактивни досега на кошаркарскиот пазар, веќе потпишаа договори со Бојан Трајковски и со Бобан Стајиќ, а тренерската улога му ја доделија на Илиевски.
Овој стручњак имаше неколку успешни сезони како предводник на Блокотехна, успевајќи на чело на амбииозниот проект да стигне до едно куп-финале, две полуфиналиња во плејофот, но и да се закити со трофејот во БИБЛ-лигата. Минатата сезона тој требаше да го води Охрид, но по распадот на овој клуб непосредно пред почетокот на шампионатот мина неколку месеци во косовскиот клуб Раховеци. „Пелистерци“ и покрај вложените пари минатата сезона не успеаја да влезат меѓу најдобрите шест екипи во лигата, а се очекува со Илиевски на клупата и со квалитетните засилувања што се доведоа и што допрва ќе следат овој тим да се најде во Супер-лигата во наредниот шампионат.
Новиот стратег во моментов е фокусиран на составување на костур од домашни кошаркари, а наспроти одредени информации дека е договорен и Данило Мијатовиќ, искусниот крилен центар засега не е дел од плановите за проектот „Пелистер“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА