Работнички ги „мерка“ Пајиќ и Николиќ

Работнички почнува да се активира за составување на ростерот за новата сезона, во која „центарци“ покрај на домашната сцена ќе се натпреваруваат и во АБА2 лигата. Речиси е сигурно дека Димитар Мираковски ќе остане на клупата на Работнички и за наредната сезона, а целта на „центарци“ е што поскоро да ангажираат неколку домашни кошаркари, за потоа ростерот да се дополни со квалитетни странци.

„Црвено-белите“ планираат да ги задржат речиси сите Македонци кои го носеа дресот на овој тим минатата сезона, а тимот да го дополнат со Петар Николиќ и со Предраг Пајиќ. Николиќ неколку сезони го носеше дресот на „центарци“, но имаше минимална минутажа кај тогашниот тренер Марин Докузовски. Потоа следеше трансфер во Блокотехна, каде борбениот бек имаше значајна улога, па преселба во Еуро Никел, тим каде што Николиќ исто така се покажа во добро светло. Кавадарчани сакаат да го задржат во своите редови, но многу пореално во моментов е тој да се врати во Скопје и повторно да го облече дресот на Работнички.

Пајиќ беше многу блиску до потпишување на нов договор со Кожув, но ситуацијата се искомпликува откако Работнички се вклучи во трката за негов ангажман. Неговото евентуално заминување би бил огромен проблем за тимот од Гевгелија, кој во однос на ланскиот ростер остана без Стајиќ и Трајковски (се преселија во Пелистер), но и без дел од помладите кошаркари кои решија да заминат во Блокотехна.

Се вчитува...