Почетокот на новата кошаркарска сезона го донесе и првото големо изненадување, откако Академија ФМП одигра одличен натпревар и заслужено славеше над Гостивар со убедливи 84-75. Тимот на Александар Петровиќ им одржа лекција по кошарка на фаворизираните гости, кои повеќе од половина натпревар беа во двоцифрена негатива, на крајот заслужено напуштајќи го теренот со наведнати глави.
Домашниот состав предводен од плејмејкерот Крстајиќ го отвори мечот со серија од 6-0, по што го контролираше резултатот до самиот крај. Првата четвртина заврши со 24-15, за на почетокот од вториот период Главчев да погоди две тројки и да донесе двоцифрена предност на својот тим. Гостиварци во втората четвртина успеаја да се приближат на 38-33, но потоа избраниците на Србиновски до крајот на полувремето (три и пол минути) не постигнаа ниту еден поен, ФМП направи серија од 10-0 и на одмор се замина со преубедливи „плус 15“ за тимот на Александар Петровиќ.
Домашните кошаркари одиграа супериорно и во третата четвртина, во која Гостивар само за момент во 37. минута ја спушти разликата под десет поени, но следеше тројка на Крстајиќ, потоа од далечина прецизен беше и Лука Петровски, со што беше одговорено и на тој налет на гостите. Тренерот Петровиќ одлично ја постави играта на својот тим и во последните десет минути, во кои ФМП не дозволи триумфот ниту во еден момент да биде доведен во прашање, за одличен старт на сезоната на прволигашот од Кисела Вода.
Крстајиќ одигра одличен натпревар за Академија ФМП постигнувајќи 23 поени и 6 асистенции, 18 поени постигна Херис, а 12 Лука Петровски. Кај Гостивар најефикасен во денешното очајно издание на гостите беше Армстед со 19 поени и 7 асистенции.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА