„Бронзата“ за ПСЖ, Манасков и Веспрем последни на Ф4 во Келн

ПСЖ го освои третото место на фајналфор турнирот во Келн откако вечерва во „малото финале“ во „Ланксес Арена“ славеше над Веспрем со резултат 31-26. Поразите во вчерашните полуфиналиња оставија трага врз изданијата на двата тима, но „светците“ одиграа подобро од тимот на Дејан Манасков, кој го заврши овој фајналфор турнир на последното четврто место.

Веспрем беше подобар на почетокот од натпреварот, поведе со стартните 3-0, потоа имаше и 4-1 и 7-4, по што ПСЖ влезе во посакуваниот ритам. Избраниците на Раул Гонзалес експресно израмнија на 7-7, потоа поведоа и со 7-9 и благодарение на голманот Џенти на одмор заминаа со водство од 14-11. Унгарскиот првак немаше сили за камбек, премореноста по напорното полуфинале со Кил си го зеде данокот, па „светците“ го исконтролираа резултатот до самиот крај и конечните „плус пт“.

Ремили и Пранди постигнаа по шест, а Микел Хансен пет погодоци за ПСЖ во ова „мало финале“. Дејан Манасков беше стрелец на два гола за Веспрем, а најефикасен кај унгарскиот клуб беше Лекаи со девет погодоци.

Во големото финале вечерва во 20.30 часот силите ќе ги одмерат Барселона и Кил.

Се вчитува...