Кире Лазаров пред нецели два месеци стави крај на играчката кариера, а најголемата македонска ракометна легенда денеска ќе почне нова епизода во својата спортска приказна – како предводник на екипата на РК Алкалоид. Скопските „фармацевти“ денеска ќе ги почнат подготовките за новата сезона, а првата прозивка ќе ја одржи токму Лазаров, кој ќе ја има улогата на шеф на стручниот штаб на местото на Љубомир Савевски, кој во иднина ќе се посвети целосно на ангажманот во женските ракометни репрезентации.
Овој тим беше фомиран минатата година, а токму Лазаров беше присутен на официјалната прес-конференција говорејќи со најпофални зборови за проектот предводен од една од водечките компании не само во Македонија, туку и во регионот. РК Алкалоид предводен од Љубомир Савевски на доминантен начин го освои првото место во Првата лига и обезбеди влез во елитното друштво, каде ќе биде предводен токму од Лазаров.
Кире Лазаров како селектор на Македонија веќе покажа дека знае како да извлече максимум од млада и перспективна екипа и да дојде до позитивен резултат. Со оглед на професионализмот и условите за работа што ги обезбедува РК Алкалоид, тој ќе има можност истото да го повтори и на клупски план.
Едно е јасно, Алкалоид ќе продолжи да се развива чекор по чекор, иако има можност за сериозен буџет и скапи засилувања желба на управата е правилен и природен раст на овој спортски колектив.
Акцент целосно е ставен на македонските играчи, па така покрај бројните млади ракометари кои обезбедија влез во елитата, ангажирани беа домашни засилувања, и тоа голманот Трајковски, пивотот Никола Маркоски, како и бековите Митев и Младеновиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА