Ракометарките на Македонија до 18 години доживеа пораз и од Хрватска (28-32), па ова Светско првенство го завршија на 12-тата позиција од вкупно 32 учесници.
По крајот на мечот свој коментар даде и селекторот на женската репрезентација Љубомир Савевски.
„Ние сме скоро 50 дена заедно, се потрошивме и уште претходно реков дека ја сносам одговорноста за овој настап. Имавме голема желба да влеземе меѓу најдобрите осум, толку блиску беше да го направиме тоа, шанса им дадов на оние во Литванија кои беа најдобри и мислев дека можеме да издржиме, ама на крајот се покажа дека тоа не е така. Немавме среќа во одреден момент, имавме напади за изедначување во клучниот меч со Исланд, не го направиме тоа и оттогаш падна екипата. Мечот со Германија беше нереална слика, иако се работи за фантастична репрезентација. Ама немавме сили да играме со нив. Едноставно, бевме потрошени. Играчите плачеа без престан по тој меч со Исланд. Тие се мои борци, направија голем успех, претходно не немаше никаде на картата. Во Литванија победивме со Полска, Исланд, Финска… такви репрезентации кои беа добри и одат напред. Менталниот склоп на оваа екипа е многу јак, ни требаат уште три до четири играчи за замена и мислам дека оваа генерација ќе напредува. Имаме едно Европско првенство и едно Светско првенство тука во 2024 година. Ако се променат некои работи, може да се надеваме на добар пласман“, изјави Савевски.
Љубомир дополнително се осврна и на критиките за избраничките на овој турнир.
„Имаше критики дека давам шанса на млади играчи во сениорскиот тим, кај мене нема млади и стари, туку добри и лоши. Песимистичка прогноза е дека четири, а оптимистичка шест играчи од овој тим ќе бидат меѓу сениорите на претстојното ЕП во Скопје. Имаме тешки противници во групата, нема што да изгубиме и ќе се обидеме да направиме една екипа за следните десет до петнаесет години“, потенцираше нашиот селелтор.
Савевски искрено проговори и за очекувањата од играчкиот кадар на женската ракометна репрезентација.
„Малку бев разочаран на првиот тест, 70% од ракометарките имаа катастрофален тест. Ние имавме еден тест во кој се гледаат физичките способности, беше на крај на сезоната. Немаме силни првенства, полесно се тренира, нема ривалитет. Работевме многу повеќе на подготовките заедно, немаше да може да се издржи 60 минути ако ги немавме тие подготовки. Ама имаме уште многу за работа, за оваа екипа која ја имаме сега, ни требат уште четири до шест играчи за да имаме комплетна екипа. Ако ги видовте Шведска, Исланд, Германија … и нивниот изглед, високи бекови, пивоти високи, подвижни… ние сме мала земја, се трудиме да направиме нешто измеѓу. Ако направиме нешто од тоа, барем измеѓу, тоа ќе биде големо за нас“, заклучи Савевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА