По искуството во Украина и Германија, Жарко Пешевски реши да се врати во Македонија, откако реши да се обврза на тригодишен договор со Еурофарм Пелистер.
Станува збор за големо засилување и заедно со Русинот Денис Васиљев ќе имаат задача да ја „решетат“ мрежата на противниците.
Пешевски даде свој коментар за новиот предизвик во родната земја.
„Искрено, задоволен сум како минаа базичните припреми во Маврово. Се работеше на високо ниво, минимум три-четири тренинзи на ден. Потоа се вративме во Битола, каде нивото на тренинг се намали. Работиме повеќе на тактичко-техничкиот дел, а трчањето е веќе зад нас. Се спремаме за педесеттиот јубилеен турнир во Струга, каде што ќе има многу квалитетни екипи и тоа е идеална шанса да се претставиме во најдобро светло пред двата важни дуели. Екипата од минатата сезона ја напуштија десеттина ракометари, дојдоа 7-8 новајлии. Повеќе сме спринтерски ориентирани, има многу трчање, нема време за измени. Секој го дава својот максимум, па дури и јас се враќам и играм одбрана, па ако има шанса се менувам. Работиме на високо ниво, имаме одлично темпо и ќе создаваме проблеми на секој противник“, изјави Пешевски.
Кружниот напаѓач ги откри и своите импресии од градот на ракометот, но и дали чувствува пасијата на битолчани за својот клуб.
„Бев спремен да дојдам во Битола, ме подготвуваа на тоа. Но, не верував на гласини и на приказни, морав сам да се уверам. Секој битолчанец, и тој што има шанса да дојде во салата, а и тој што не доаѓа, спремен е да нè бодри и желен е да го види Еурофарм Пелистер во најдобро издание“, изјави кружниот напаѓач.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА