Ракометниот клуб Алкалоид ја имаше официјалната прес-конференција за дебитантската сезона во ракометната Суперлига.
Клубот кој минатата година ја имаше својата прва сезона, експресно успеа да обезбеди пласман во елитата. На денешната прес-конференција директорот на клубот Горан Минов го претстави Кирил Лазаров за нов тренер, а досегашниот Љубомир Савевски ќе ја извршува функцијата спортски директор.
„РК Алкалоид е долгорочен и амбициозен проект. Започнавме минатата сезона и експресно влеговме во првата лига. Наша основна цел ќе биде воведување нови и современи модели на ракометната игра. Подигнување на квалитетот на тренинзи и создавање нови македонски ракометари. Минатата година процесот го започнавме со Љубомир Савевски кој и понатаму останува во клубот како спортски директор. Во оваа сезона го ангажиравме Кире Лазаров кој целиот свој живот го даде на ракометот. Тој ќе им помогне на младите ракометари да израснат во вистински шампиони“, изјави директорот на тимот Горан Минов.
На официјалната прес-конференција беа претставени и дресовите за новата сезона кои новите на ракометарите им ги врачи директорот Горан Минов.
Едно од новите засилувања на клубот е искусниот пикер, Никола Маркоски…
„Условите во клубот се на високо и професионално ниво. Имаме одлична млада екипа составена од македонски играчи и одличен стручен штаб. Наша цел е пласман во плеј-офот, а ако ни се даде шанса за излез во Европа тоа би било и повеќе од нашите очекувања“, изјави Маркоски.
Обраќање за јавноста имаше и капитенот Игор Ѓоргиев…
„Наша цел е да играме добар и современ ракомет, а со тоа се надеваме дека ќе обезбедиме учество во плеј-офот во македонската суперлига“, изјави капитенот Ѓоргиев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА