Лазаров: Чест ми е да работам во мојата Македонија, Алкалоид е вистински проект за мене

Новиот ракометен суперлигаш Алкалоид ја имаше официјалната промоција за дебитантската сезона во елитата.

На прес-конференцијата беше претставен и новиот тренер на клубот, најдобриот македонски ракометар во историјата Кирил Лазаров.

Тој изјави дека чест и задоволство е што ќе работи во својата Македонија и тоа на еден проект на кој ни за момент не размислувал дали да ја прифати оваа понуда.

„По завршувањето на играчката кариера, сакајќи да останам во спортот се одлучив да продолжам да допринесувам како тренер. Чест и задоволство ми е што ќе работам во мојата Македонија, мојата родна земја и ќе пробам со моето знаење и искуство што го стекнав годинив низ светот, да го пренесам овде во Македонија. Чест е што во раце ќе имам ваков посакуван проект. Не се двоумев вооопшто дали да ја прифатам поканата на РК Алкалоид. Со многу желба и ентузијам влегови и ветувам дека ќе дадам се за добро не само на РК Алкалоид туку и на ракометот и спортот во Македонија. Вакви концепти треба да се поддржуваат. Што повеќе вакви концепти има ќе биде подобро за нашиот спорт. Ние како РК Алкалоид посакуваме да има повеќе вакви концепти во Македонија, бидејќи тоа е клучот за создавање квалитетни национални состави. Знаеме колку си ја сакаме репрезентацијата и државата и затоа вакви проекти се потребни“, вели Лазаров. 

Околу целите на клубот Лазаров вели дека примарна е пласман во плеј-офот, а потоа ќе видат што понатаму.

„Ние сме млад и нов тим. Има многу играчи кои не знаат како изгледаат натпревари кои треба да се добијат во градови и сали во кои колку и да си добар тешко е да се победи. Јас лично имам високи амбиции како и секогаш, но ќе одиме чекор по чекор. Се уште ја запознавам екипата и позитивно сум изненаден од настапот на струшкиот турнир. Намерно играме турнири со посилни противници за да можат играчите побрзо да созреваат. Тоа е начинот кој треба да го следиме и во иднина за да растеме како клуб. Прво треба да размислуваме да влеземе во плеј-офот и се надевам дека имаме квалитет за тоа, а потоа ќе видиме што понатаму. Според мене оваа година во последните петнаесет години ќе имаме најквалитетна лига. Делуваме мотивирачки кај противниците и тоа е плус на овој проект, бидејќи со квалитетна конкуренција можеме да создадеме квалитетен македонски производ и квалитетна македонска репрезентација“, заврши Лазаров. 

Се вчитува...