Тинекс Пролет не успеа да се пласира во финалето од турнирот „Крсте Андоновски – Усташ“ откако скопскиот суперлигаш по голема борба, на пенали ја загуби полуфиналната пресметка со белградски Партизан. Голема шанса беше испуштена во регуларниот дел од мечот, кога најпрвин не беше задржана предноста од три гола, а потоа Пролет имаше и нереализиран напад во последната минута, при водство од 30-29, по кој гостите во самиот финиш го израмнија резултатот.
Дуелот почна со нешто подобра игра на српскиот претставник, кој со леснотија го наоѓаше патот до мрежата на Тинекс Пролет. По тајмаутот на тренерот Лембанов скопскиот тим заигра нешто подобро во нападот, но проблемите во одбраната продолжија, па на одмор се замина со предност на Партизан од 13-15.
Советите на полувремето вродија со плод, па во вторите 30 минути можеше да се проследи далеку подобро издание на Тинекс Пролет во салата „Билјанини извори“ во Охрид. Експресно се стигна до израмнување, а потоа и до водство од 18-16. Српскиот тим само за момент стигна до израмнување, но избраниците на Лембанов повторно презедоа контрола над ситуацијата, па на седум минути до крајот Тинекс Пролет стигна и до првото водство од три гола (27-24).
Партизан успеа да се врати и во последните две минути се влезе со израмнети 29-29. Томи Јагуриновски постигна гол за водство од 30-29, резултат при кој Тинекс Пролет имаше и напад за да ја запечати победата. Судиите ја одзедоа топката на десетина секунди до крајот, а Партизан со гол од крило „од мртов агол“ успеа да израмни на конечни 30-30.
Во пенал-рулетот среќата не беше на страна на македонскиот суперлигаш. Како пресудно се покажа промашувањето на Мајнов, кој во втората серија биеше високо над гредата, па откако Партизан ги реализираше сите свои седмерци српскиот тим се радуваше на победата во овој израмнет и неизвесен натпревар.
Во второто полуфинале вечерва ќе се сретнат екипите на Охрид и на Тиквеш.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА