Ракометниот шампион на Македонија Вардар во трилер натпревар по изведување на пенали загуби од Нексе Нашице со 30-32 и со тоа се пласираше на фајнал-фор турнирот од СЕХА Лигата кој од 2. до 4. септември ќе се игра во Задар.
Натпреварот почна во егал и до резултат 4-4 ниту еден од тимовите не успеа да се одлепи. Првиот пад домаќчините го имаа по првата третина на првиот дел откако гостите со серија од 3-0 успеаја во 14. минута да стигнат до дотогаш највисоките плус три 4-7. Во следниот период Вардар неколку пати успеваше да намали на минус еден, по што следеше нов пад по кој Хрватите во 25. минута за првпат поведоа и со плус четири 9-13.
До крајот на првото полувреме „црвено-црните“ успеаја за еден гол да ја намалат негативата на противникот и на пауза да заминат со минус три (12-15). Вардар одлично го отвори второто полувреме. Не му дозволи на противникот во ниту еден момент да направи поголема разлика, а предводен од феноменалниот Филип Талески успеа по почетокот во 45 минута да стигне до егал 23-23. „Црвено-црните“ продолжија со одлична игра и во последната минута влегоа со резултат 28-28 и напад за победа. Талески не го искористи последниот напад па натпреварот замина во изведување на пенали.
Таму Талески и Ѓукиќ не реализира серија што беше доволно за победа на гостите од 30-32 и пласман на Ф4 турнирот во Задар. Таму веќе се Веспрем и ППД Загреб, а последниот патник ќе биде познат по мечот меѓу Еурофарм Пелистер и Мешков Брест.
Филип Талески натпреварот го заврши со 11 гола, додека Манасков заврши со осум. Кај победникот најефикасен беше Иван Сршен со осум гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА