Еурофарм Пелистер во петок го очекува дуел со Веспрем во Ф4 на СЕХА лигата, кое го обезбеди благодарение на победата над Мешков Брест.
Тренерот на битолчани Ларс Валтер кажа каде е шансата на Еурофарм Пелистер за пласман во големото финале. Тој вели дека притисокот е на страната на Веспрем, со оглед на фаворитската улога. Се заблагодари на фановите за поддршката против Мешков Брест.
„Беше фантастично против Мешков Брест. Фановите ја завршија својата работа и беше многу важно за нас да имаме таква поддршка. За мене посебно беше емотивно, бидејќи бев во многу клубови во Европа, но вакво нешто не сум видел досега. Беше задоволство, беше фантастично. Наша цел беше да стигнеме на „фајнал-фор“ на СЕХА лигата и сега имаме голем предизвик во името на Веспрем, еден од најдобрите светки клубови. Треба да одиме таму и да уживаме, да играме слободно. Тука ја гледам нашата шанса. Од недела во недела учиме и учиме заедно. Тоа е она што треба да го правиме во следните месеци и мислам дека околу Божиќ ќе го видиме вистинскиот лик. Се надевам дека нема да направиме многу грешки по пат и цел ни е секој натпревар да биде што е можно подобар“, рече Валтер.
Ракометарот Емилијан Ѓорговски вели дека со пласманот на Ф4 целта е остварена, но дека тој и неговите соиграчи ќе дадат максимум за победа.
„Ги почнав подготовките со Еурофарм Пелистер и продолжив со нив. Напорно трениравме во Маврово, турнирот во Струга го минавме одлично и така продолживме. Добив минутажа против Мешков Брест и одиграв максимално колку што можам. Ја остваривме целта и сега сме пред првиот историски настап на Ф4 во СЕХА лигата во Задар. Се гледа дека во тимот има повеќе хармонија, дружељубивост и борбеност. Веспрем е великан, бранител на СЕХА-титулата. Ќе дадеме максимум и ќе се бориме да го добиеме тој натпревар“, рече Ѓорговски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА