Еурофарм Пелистер претрпе убедлив пораз во полуфиналето од фајналфор турнирот од СЕХА-лигата, откако битолчани не успеаја да најдат лек за атомскиот напад на Веспрем и примија 41 гол за 60 минути игра (27-41).
Жарко Пешевски со пет гола беше меѓу најдобрите поединци во таборот на македонскиот вицепрвак, но и тоа беше недоволно за посериозен отпор на налетите на унгарскиот ракометен гигант.
„Едноставно Веспрем денеска беше подобар противник, подобро изгледаше на теренот. Влеговме во мечот некако премногу импресионирани, со желба да се покажеме што подобро, но на крајот резултираше онака како што течеше мечот. Мора да се каже дека Веспрем е светска класа, тоа го покажа и денеска на теренот, на нас е да го поправиме впечатокот на неделниот дуел за третото место“, изјави македонскиот репрезентативец во таборот на Еурофарм Пелистер.
Задачата во тој неделен дуел нема да биде нималку лесна ако се знае дека „пелистерци“ ќе се сретнат со хрватскиот вицепрвак Нексе.
„Нексе е одличен тим, го покажа тоа и минатата сезона со фајналфор турнирот во Лигата на Европа, шансите на тој меч се 50-50 и ќе решаваат ситници и детали во играта“, прогнозира Пешевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА