Ракометарите на Алкалоид импресивно го почнаа својот настап во Супер-лигата, триумфирајќи на гостински терен над Прилеп со убедливи 30-43. Избраниците на Кире Лазаров демонстрираа квалитетен и брз ракомет за кој домаќините не најдоа одговор, завршувајќи го мечот со дури 43 постигнати погодоци.
Дуелот беше израмнет само до 4-4, по што гостите од Скопје постигнаа три брзи гола во низа и успеаја резултатски да се одлепат. Алкалоид изгледаше беспрекорно во нападот во првото полувреме, во кое „сино-белите“ за 30 минути постигнаа дури 22 гола и на одмор заминаа со „плус пет“ (17-22).
Разликата на семафорот се движеше меѓу четири и шест гола во првите петнаесетина минути од второто полувреме, за физичката подготвеност на ракометарите на Алкалоид да придонесе гостите во финишот да заиграат супериорно и на крајот да слават со убедливи 13 гола предност.
Серафимов со осум и Илиески со шест погодоци ги предводеа стрелците кај Алкалоид, додека најдобар поединец во таборот на Прилеп беше Шокоски со осум гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА