Пролет има максимални шест бода по првите две кола од стартот на Супер-лигата, серија што тимот предводен од тренерот Лембанов ќе се обиде да ја продолжи и на денешното гостување во Радовиш (19 часот). Станува збор за противник со кого традицијата е целосно на страната на Тинекс Пролет, со десет победи на последните десет меѓусебни дуели, но на избраниците на тренерот Лембанов им е јасно дека никако не смее да дојде до потценување на радовишани.
Иван Џонов, кој прикажа одлична игра на првите натпревари, е оптимист дека успешната серија ќе продолжи, но и предупредува дека не смее да дојде до опуштање во таборот на скопскиот суперлигаш.
„Пред нас е натпревар на кој се очекува да победиме, но тоа ќе го сториме само доколку одиграме максимално од почеток до крај. Квалитетот е на наша страна, но за тоа да го покажеме ќе мораме да бидеме со сериозен пристап во текот на сите 60 минути. Го анализиравме противникот, тоа е воглавно истата екипа што настапуваше ланската сезона, со промена на еден странски ракометар. Го почитуваме Радовиш како и секој противник, дефинитивно нема да го потцениме и свесни сме дека клучно е да бидеме фокусирани на сопствената игра и да не дозволиме пад во концентрацијата. Победничкиот старт на сезоната уште повеќе ја крена атмосферата во екипата и сакаме да продолжиме во ист стил и на натпреварите што следат“, изјави Иван Џонов во пресрет на денешниот натпревар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА