Алкалоид во третото суперлигашко коло ја забележа и третата победа, славејќи на домашен терен над Охрид со резултат 24-22, во најсериозниот испит што дебитантот во елитното друштво го имаше и го положи со одлична оценка. Избраниците на Кире Лазаров одиграа извонредно во одбраната, со што надополнија за серијата нереализирани зицери во фазата на нападот и заслужено стигнаа до победата.
Охриѓани имаа само почетно водство од 0-1, по што Алкалоид ја презеде контролата над мечот. Домашните ракометари во првото полувреме поведоа со „плус три“ (10-7, 11-8), но падот на концентрацијата во нападот и одличниот Цинцадза на голот на Охрид овозможија гостите да се вратат и на одмор да се замине со минимални 12-11 за Алкалоид.
Вториот дуел почна фуриозно за домаќините, Охрид во првите 14 минути од полувремето постигнаа само еден гол, по што „пулените“ на Лазаров стигнаа до предност од 17-12. Цинцадзе повторно почна да блеска на голот на Охрид, во нападот се разбуди и Езтурк, по што гостите се приближија на само два гола негатива. Во вистински момент за домашниот состав гол постигна Митев, налетот на охриѓани беше запрен, по што Алкалоид заслужено го доби овој меч со 24-22.
Александар Стојков ги предводеше стрелците кај Алкалоид со шест погодоци (пет од нив во првото полувреме), по три постигнаа Илиески и Серафимов, а одличен на голот беше Трајковски. Езтурк со седум гола беше прв стрелец на Охрид, а на гостите не им помогна ниту одличното издание на голманот Цинцадзе и неговите 16 успешни интервенции.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА