Македонија е подготвена за предизвикот што ќе го донесе настапот на претстојниот европски шампионат во кој Скопје ќе биде еден од градовите домаќини заедно со Подгорица, Љубљана и Целје.
„Црвено-жолтите“ се најдоа во тешка група со Франција, Холандија и Романија. Најважно е што Македонија по подолга пауза се враќа на големите натпреварувања, а селекторот Љубомир Савевски се уште сонува за изненадување против еден од овие гиганти
„Ние сме веќе една година заедно и благодарение на нашата федерација, имавме можност за оваа година дена да одиграме десет подготвителни натпревари со врвни селекции, што досега не се случило. Ова е процес што почна со кадетско и јуниорската репрезентација, на кое остваривме добри резултати. Имаме континуитет од добри настапи, а фактот дека се опфатени повеќе генерации ми дава за право да се надевам на остварување на зацртаната цел – правење на долгорочна македонска репрезентација, национална селекција што десетина петнаесет години достојно ќе ги брани државните бои. Кажав и по ждрепката, играме со сериозни ривали, но наш сон е да им ги замрсиме сметките, да земеме барем еден скалп на фаворитите. Ќе сториме се за да го оствариме тоа, но ќе видиме како тоа ќе изгледа на терен.Штета е што имаме проблеми со повредите, Дуковска и Елена Георгиевска заработија незгодни повреди во изминатиот период, особено помошта на Георгиевска ќе ни беше драгоцена, но што е тука е. Задоволен сум од сработеното, од карактерот на репрезентацијата, ние губевме и можеби ќе губиме во иднина, но ова е селекција во создавање и искрено верувам дека сме на вистински пат“, изјави селекторот Савевски.
Капитенот на националниот тим, репрезентативката Сара Ристовска, исто така е оптимистички расположена кога станува збор за развојот на репрезентацијата, но и побара да не се прави преголем притисок врз ракометарките од резултатски аспект.
„Јас би се вратила десет години наназад, колку што сум дел од оваа сениорска репрезентација. Сме играле и претквалификации и квалификации, никогаш не сме биле дел од едно Европско првенство, затоа сега сум благодарна до репрезентацијата што ни ја укажаа можноста да играме едно големо натпреварување, и тоа на домашен терен. Од ракометен аспект, имаме големо подмладување во последните години, се собираме на секои два месеци и можам да кажам дека напредокот е голем на секој нареден собир, се надевам дека тоа ќе биде забележливо и на овој европски шампионат. Гледам дека имаме доста голем број на талентирани ракометарки, се надевам дека ќе продолжиме да се развиваме како репрезентација и дека ќе оствариме заеднички успех. Би апелирала да нема преголем притисок, бидејќи ова е прво големо натпреварување за нас, против себе имаме моќни репрезентации, за нас најважно е дали сме ние задоволни од тоа како ќе одиграме. Јас верувам во нашата репрезентација и верувам дека ќе имаме успех, дај боже да биде сега, но и доколку не се случи, пред нас е добра иднина и во наредните години ќе ја израдуваме нацијата“, истакна Сара Ристовска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА