Гордана Нацева денеска и официјално беше промовирана во Амбасадор на Македонија за претстојниот Европско првенство за ракомет за жени што ќе се одржи во ноември 2022 година.
Легендарната голманка не ја криеше гордоста за укажаната чест, за која верува дека ќе биде од голема помош за развојот на женскиот ракомет во Македонија.
„Прво да се заблагодарам за исклучителната можност и довербата да бидам амбасадор на ова ЕП. За мене е голема чест, задоволство, но и одговорност да бидам дел од овој шампионат, некој што со својот личен придонес ќе треба да остави белег за што подобро да го промовираме првенството. За мене ова е предизвик многу сличен, ако не и ист, како кога бев репрезентативка. И тогаш како и сега сакав достоинствено да ја претставиме нашата држава, да бидеме пример за помладите ракометарки. Затоа, ова сега ми е нов предизвик, на овој начин да ја претставиме државата. Бидејќи спортот е борба за резултат, но исто така и претставување на нашите вредности, нашата култура, затоа сите заедно ќе работиме напорно за да го сториме токму тоа. Она што посебно ќе биде моја инспирација, сметам дека треба да допреме до секое девојче што сака да се занимава со спорт, бидејќи само жени со самодоверба, кои знаат што значи да се вложува во себе преку спортот, тие жени во иднина ќе бидат многу корисни за општеството. Верувам дека ќе бидеме добри домаќини, дека ќе го задржиме приматот на најдобар национален спорт“, изјави Гордана Нацева.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА