Ракометарите на Пролет денеска (18 часот) во Кавадарци му гостуваат на тимот на Тиквеш, во дерби-дуелот од петтото коло од групата Б во Супер-лигата.
Пролет има три победи и едно реми од стартот на сезонава, кавадарчани врзаа три победи по стартниот пораз од Еурофарм Пелистер 2, па јасно е дека во салата „Јасмин“ ќе може да се види квалитетен ракометар меѓу две екипи кои се наоѓаат во добра форма.
„Имавме доволно време да го анализираме противникот и дефинитивно станува збор за квалитетна екипа што ја одликува разноликост во нападот, како и добра транзиција од одбрана во напад. Ги утврдивме нивните силни и слаби страни, во изминатите денови работевме на нашата тактика и верувам дека тоа е она што е најважно, доколку ја играме нашата игра и го покажеме она што го знаеме, верувам дека можеме да стигнеме до позитивен резултат. Тука пред се мислам на трпението во нападот, на враќањето побрзо во одбрана, добро знаеме што треба да се стори за да се биде на висина на задачата. Теренот во Кавадарци е жежок и свесни сме за тоа, но нема да го прецениме Тиквеш бидејќи знаеме дека можеме да се надигруваме со овој противник. Се ќе зависи од нас и од она што ќе го покажеме на теренот“, истакна тренерот на Пролет, Алексо Лембанов во пресрет на денешниот натпревар.
На спротивната страна, домашниот стратег Данило Брестовац со респект гледа на денешниот ривал, но и очекува добра игра и триумф на својот тим.
,,Натпревар кој ќе ни даде вистинска насока во кој правец треба да се движиме. Одговор на прашањето имаме ли конкурентен тим за поголеми дострели и повисок пласман”, изјави Брестовац.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА