Ракометарите на Вардар во рамките од седмото коло ја забележаа и седмата победа во Супер-лигата, овојпат триумфирајќи на домашен терен над Струга со резултат 36-23. „Црвено-црните“ рутински ја оправдаа фаворитската улога, а убедливиот резултат и разликата во квалитет му овозможија на тренерот Недановски да им даде поголема минутажа на дел од резервните ракометари.
Куни Моралес го отвори мечот со два брзи гола, Карапалевски погоди во четвртата минута за рано водство од 3-0, а победникот беше решен за помалку од 20 минути игра, период во кој „вардарци“ постигнаа десет, а примија само три гола. Шампионот продолжи со ефикасен напад, но малку олабави со интензитетот во одбраната, па на одмор се замина со резултат 20-11. Второто полувреме мина во рутинско одржување на убедливата предност на Вардар, за конечен триумф од „плус тринаесет“ за актуелниот првак.
Давид Савревски со седум погодоци беше најефикасен во таборот на Вардар, шест постигна Лазаревски, а пет погодоци реализираше Добрковиќ. На спротивната страна, први стрели на Струга во денешниот пораз беа Цветаноски и Бугариновиќ со по шест погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА