Еурофарм Пелистер се спаси: Од „минус пет“ до триумф над Пролет

Еурофарм Пелистер по голема битка успеа да слави на гостувањето против Пролет со резултат 23-24. Домаќините настапија ослабени без репрезентативецот Џонов, но и во таква ситуација одиграа одличен натпревар во кој во еден момент во второто полувреме имаа и водство од пет гола (21-16). Сепак, избраниците на Лембанов загубија здив кога беше најважно, а силниот битолскиот суперлигаш знаеше како да го искористи тоа, се врати и во фуриозен финиш стигна до победата.

Битолчани подобро го отворија мечот и преку Ојлески и Хосни поведоа со 0-3, но Пролет успеа да се консолидира. Скопскиот клуб израмни на 8-8, резултат при кој не реализираше напад, по што следеше серија од три гола на „пелистерци“, период во кој Лесјак бранеше извонредно на голот на битолчани. Во вистински момент за Пролет на спротивната страна се разбрани и Михаљевиќ, црногорскиот голман постигна и еден гол од својата половина и не само што го врати својот тим целосно во мечот, туку домаќините преку Палевски во последните секунди од полувремето погодија за водство од 12-11, нивно прво на натпреварот.

Аларов постигна два гола на стартот од вториот дел за рано водство на Пролет од 14-11, пред Еурофарм Пелистер да влезе во серија и да израмни на 15-15. Одличниот Михаљевиќ повторно го врати Пролет во ритам, во нападот блесна Јагуриновски, па Пролет поведе со 18-15. Битолчани делуваа во шок, а Пролет ја зголемуваше предноста, па преку Димов домашните ракометари во 49. минута поведоа со 21-16. Еурофарм конечно се разбуди, па со три брзи гола ја врати неизвесноста, намалувајќи на 21-19 на осум минути до крајот. Домаќините за момент загубија здив, а Пелистер знаеше како да го казни тоа и предводен од Хосни израмни на 22-22 на пет минути до крајот.

Хосни не реализираше пенал при 22-22, но веќе во следниот напад Кузманоски од контранапад погоди за водство на битолчани од 22-23. Пролет немаше сила во завршницата, па овој супердраматичен натпревар заврши со минимална победа на Еурофарм Пелистер од 23-24, откако последниот удар на Аларов од десетина метри заврши во дирекот.

Хосни беше прв стрелец на Еурофарм Пелистер со шест гола, четири постигна Костески, додека најефикасни во таборот на Пролет беа Аларов со пет и Палевски со четири погодоци.

Охрид славеше на домашен терен над Вардар Неготино со 28-25, меч на кој домаќините важеа за апсолутни фаворити, но нешто потешко од очекувањата ги прокнижија бодовите. Ончев постигна девет, а Андоноски и Шешиќ по седум погодоци за охриѓани, додека најефикасен кај Вардар Неготино беше Ташев со шест постигнати гола.

Се вчитува...