Отворено со најдобрите македонски спортисти. Оние кои секојдневно ги красат спортските страници, но и со оние подзаборавените. Нивните успеси, размислувања, желби и очекувања пред идните спортски предизвици – секој вторник на ЕКИПА.МК.
==========================================================================================================================
Најдобрата македонска ракометна голманка во историјата и амбасадор на претстојното Европско првенство на кое коорганизатор е и Македонија, Гордана Нацева ексклузивно за ЕКИПА.МК говореше за нејзините очекувања од репрезентацијата.
Нацева вели дека жали што не дочека нејзината генерација да игра Европскот првенство пред домашна публика, но дека и е чест што ќе може како амбасадор да ја презентира Македонија во Европа. За времето во Кометал Ѓорче Петров откри дека тогашниот претседател Вања Бојков е главниот виновник што таа дошла во клубот, а дека во Скопје уште во 1991 година се зборувало за европска титула.
Поранешната ракометна голманка вели дека благослов од Бог е да го кренеш пехарот во ЛШ пред својата публика во Скопје, а дека навистина неверојатен е податокот дека капитените на машката и женската репрезентација таа и Кире Лазаров доаѓаат од еден мал град како што е Свети Николе.
==========================================================================================================================
Избрана сте за амбасадор на Европското првенство 2022 година. Што значи ова за вас?
Тоа што сум избрана за амбасадор на Европското првенство за мене претставува чест и задоволство, но и голема одговорност. Која било ракометарка од нашата генерација да беше избрана место мене ќе беше исто така добар избор. Благодарност до Ракометната федерација на Македонија која се одлучи да бидам некој кој ќе го промовира Европското првенство. Сум учестуввала на неколку Европски и Светски првенства, но надвор од Македонија. Никогаш немавме шанса на репрезентативен план да играме натпреварување дома. Затоа уште поголем е предизвикот да бидам дел од ЕП, па макар и во ваква улога. Секогаш сум сакала да ја претставам државата во најдобро светло и кога сум била капитен на репрезентацијата и на клупски план. Ова го доживувам како една форма со која може да придонесам во промоција на македонскиот ракомет, но и Македонија.

ЖАЛАМ ШТО МОЈАТА ГЕНЕРАЦИЈА НЕМАШЕ МОЖНОСТ ДА ИГРА ЕП ПРЕД ДОМАШНАТА ПУБЛИКА!
Македонија вторпат е домаќин на ЕП. Дали жалите што вашата генерација ја немаше таа можност да игра пред домашната публика?
Четири години се многу во спортот и затоа не жалам поради тоа. Три/четири години пред Европското јас имав 34 години и навистина почувствував дека е време да се повлечам од ракометот. Мислам дека тоа го направив во вистинско време и не жалам за тоа. Сепак, жалам за моментот дека мојата генерација немаше таква можност. Луѓето кои што тоа време ја водеа федерацијата не се обидоа да пробаат да дојде организацијата порано. Ако го направеа тоа со поголема храброст и желба, јас верувам дека мојата генерација сигурно ќе конкурираше барем за полуфинале. Од 1997 кога првпат се појавивме на големите спортски натпреварувања и забележавме добри резултати. Од 1997 до 2003/2004 Кометал беше во зенитот и тука можеби можеше нешто да се направи. Но знаете како е во ракометот, неприкосновени беа скандинавците и тие цело време организираа првенства. Жалам што не организиравме некое првенство. Мои цели беа шампионска титула на клупско ниво, пласман на Олимписки игри и забележителен успех на Европско или Светско. Сепак, така требало да биде.
СВЕСНА СУМ ЗА СИЛАТА НА ПРОТИВНИЦИТЕ, НО ВО СПОРТОТ МОЖНИ СЕ ИЗНЕНАДУВАЊА!
Кои се вашите очекувања од ракометарките и дали верувате дека можеме да направиме изненадување иако за противнички ќе имаме силни репрезентации како Франција, Холандија и Романија?
Сметам дека имаме исклучително тешка група и тука среќата не не послужи. Исклучително тешки противници добија девојките, но како може да се откажеме на две недели пред шампионатот. Мора да ја градиме надежта и да веруваме дека може нешто да направиме. Јас велам спортот е моментална инспирација на играч, на голман. Се може да се случи. Некогаш екипите влегуваат во период по десет минути без гол. Свесна сум за силата на нашите противници, но јас никогаш нема да речам дека немаме шанси. Верувам во девојките и во стручниот тим дека ќе дадат максимум и дека можеме да бидеме изненадување. Нема откажување и предавање во спортот однапред. Мора да мислиме на победа и на изненадување.
Дел сте од раководството на ЖРК Вардар. Има ли Македонија иднина која што може да го вратат стариот сјај на женскиот ракомет?
Македонија има потенцијал. Директно сум вклучена во работата на клупски план, а со домашни сили. Претходно кога бевме во Вардар тоа беше „дрим-тим“. Сега сум со друг ентузијазам. Играме домашно првенство, ако ни се отвори шанса играме и Европа, но со домашни сили. Овие неколку години гледам колку има напредок кај некои девојчиња. Тоа ми дава за право да верувам дека има Македонија иднина и тоа со сите средства кои ги имаме, т.е. ги немаме. Верувам дека можеме да направиме добра репрезентација која ќе има континуитет на големите натпреварувања, но за тоа се разбира треба многу работа.
Дали успесите на машкиот ракомет го ставија во втор план женскиот ракомет во Македонија?
Во сите спортови машката конкуренција е поатрактивна. Ако речам дека успесите на машката репрезентација се должат на ставањето во сенка на женската не би било коректно од моја страна. Тие направија успеси и тие успеси требаше да го подигнат нивото и на женскиот ракомет. Мораме во женскиот ракомет да бараме каде ни се случи тој пад. Многу аспекти треба да се анализираат, но не мислам дека тоа е основната причина зошто ние бевме ставени во сенка.
Многу млада заминавте во Србија каде што две години бевте дел од Ниш. Колку сте задоволни од тие две години и што значат тие за вас?
Јас отидов во Србија сосема случајно. Играњето во Ниш беше голема школа за мене бидејќи сфатив што значи професионален однос кон спортот. Јас од Овче Поле во Свети Николе прескокнав се. Веднаш играв прва југословенска лига. Прескокнав наша лига, прескокнав втора сојузна лига и играв во прва. Противници ми беа ракометарки кои претходно ги гледав само на телевизија. Тоа за мене беше неверојатна пресвртница во животот. Ми беше многу тешко секој тренинг. Ми недостигаа моите и фамилијата, но премногу го сакав спортот. Си реков на себе си дека нема шанси да се откажам и еден ден да жалам за тоа.
УШТЕ ВО 1991 ГОДИНА СЕ ЗБОРУВАШЕ ЗА ЕВРОПСКА ТИТУЛА ВО КОМЕТАЛ!
1991 доаѓате во Кометал. Кој е виновникот за тоа што дојдовте во клубот од Ѓорче Петров и како почна целиот тој проект?
Тогашниот претседател Вања Бојков многу пати ми се јавуваше. Бев репрезентативка на Југославија и влегов во поширокиот состав за игрите во Барселона. Планирав да отидам во Белград или некаде надвор, но се случија сите тие работи со распадот на Југославија. Моите сакаа да се вратам дома, претседателот Бојков и сите околу него беа многу упорни. Тие уште во 1991 година зборуваа за европска титула. Мене сето тоа не ми се веруваше. Беа премногу убедливи и затоа го прифатив предизвикот. И морам да кажам дека тоа ми беше најдобрата одлука во животот.

КОГА ЌЕ СЕ СПОМЕНЕ ПРОКОП, МЕНЕ МИ ДОАЃА СЛИКА КАКО ТОЈ ЛЕЖИ ВО КАЛЕ!
Како се чувствувавте по поразот во финалето од Хипо и суспензијата која што ја доби Кометал од европските натпреварувања?
И сега кога зборуваме мене ми е сликата на салата. Во неа беше како бојно поле. Кога ми го споменуваш Гунар Прокоп мене ми доаѓа слика како тој лежи во Кале. Дали навистина го удрија, дали стварно беше толку силен ударот не знам, но имаше конвој на наша полиција која ги штитеше нив од нашите навивачи. Прокоп беше неверојатен провокато. Читав едно негово интервју по догли години во кое велеше „Јас за да го ослободам притисокот од ракометарките, јас навивачите ги свртував против мене“. Такви беа тие времиња и тој беше мајстор за тоа. Тоа беше бојно поле. Хипо го штитеа од нашата публика. Ние треба да играме финале и не победија беа подобри се е тоа во ред. Но, медалот за вицешампиони ние не го земавме во сала туку во хотел. Дојде тогашниот генерален секратар на ЕХФ и ни ги даде медалите. Немил настан беше. Не суспендираа и беше дали ќе продолжи клубот или не. Сепак, управата добро изреагира и успеа да не задржи сите. „Ги издржавме сите проблеми кои ги имавме сезоната кога бевме суспендирани и живеевме за сезоната по суспензијата и единствена цел беше да ја освоиме титулата. Ни се посреќи да ја освоиме титулата и тоа влезе во нашата историја како држава, но влезе и во мојот живот како некој врв што сум го доживеала во својата спортска кариера и по тоа реков дека сега кога и да прекинам со кариерата јас направив се.
ПОСЕБЕН БЛАГОСЛОВ Е ДА ГО КРЕНЕШ ПЕХАРОТ КАКО КАПИТЕН ВО ЛШ!
Годинава беа 20 години од европската титула на Кометал. Какво беше чувството како капитен да го подигнете трофејот?
Прво нешто што помислив е дека сите ние девојките станавме најуспешни во тоа што го работиме во Европа. Реков дека посакувам секој да ја доживее оваа радост во својата професија. Му посакувам да достигне нешто што е најдобро во Европа и Светот. Сите ние бевме како да ни падна голем товар. Костурот на тимот беше осум/девет години заедно и сите имавме само една цел да дојдеме до тој трофеј и тоа се случи на 19. мај 2002 година. Посебен благослов од Бога е јас дома на својот терен во Кале како капитен да го подигнам трофејот во Лигата на шампионите. И од таму преку мостот да се дојде до плоштад каде те чекаат илјадници фанови. Тоа е нешто неверојатно. Со новиот формат и Ф4 веќе никогаш нема да можеш да го доживееш тоа како ние таа скопска вечер. Со својот народ неколку часа по мечот да ја споделиш среќата е нешто најдобро што може да му се случи на еден спортист.

КАПИТЕНИТЕ НА МАШКАТА И ЖЕНСКАТА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА СЕ РОДЕНИ ВО СВЕТИ НИКОЛЕ!
Родена сте во Свети Николе. Која е тајната на тој млад град од кој се излезени капитените на машката и женската ракометна репрезентација?
Во Свети Николе ракометот е спорт број еден. Се сеќавам каде почнав јас таму беше и Кире на тој терен. Игравме на асфалт бидејќи немавме сала. Таа подоцна се изгради. Капитенот на женската репрезентација откако станавме независни и капитенот на машката репрезентација и светски играч доаѓаме од Свети Николе. За да се направи добар спортист мора да има добра база уште во пионерските конкуренции. Ние имавме добри тренери уште во тие категории. Мене ме тренираше Илија Бетунски кој работеше со машките. Горда сум што и јас и Кире и многу други познати играчи доаѓаат од Свети Николе. Јас се сеќавам дека пред да почнам да тренирам ракомет бевме на ракометни мечеви.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

