Ракометарите на Магдебург ја одбранија титулата на светското клупско ракометно првенство „Супер-глоуб“ откако во реприза на минатогодишното финале во трилер меч повторно славеа по продолженија над Барселона со 41-39.
Првото полувреме буквално помина во игра без одбрани. Во таа растрчана „ран ен ган“ игра подобро се снајдоа Германците кои на пауза заминаа со позитива од четири гола (20-16). Актуелниот двократен европски шампион одлично влезе во второто полувреме. Конечно ја стегна одбраната и на 15 минути до крајот успеа да стигне до егал (28-28). Натпреварот влезе во неизвесна завршница во која ниту еден од двата тима не успеа да се одвои па по регуларните 60 минути резултатот беше нерешен (35-35). Во продолженијата подобро се снајдоа Германците кои стигнаа до триумф од 41-39 и втор трофеј во Супер-глоуб.
Омар Игни Магнусон со 12 гола беше прво име кај победникот, додека кај поразените Абељо заврши со десет погодоци.
Претходно во мечот за третото место полски Кјелце ја оправда фаворитската улога против египетски Ал-Ахли совладувајќи го со убедливи 35-26.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА