Првиот ривал на Македонија во топ-форма на една недела до стартот на ЕП

Селекцијата на Франција во топ-форма ќе го дочека европскиот шампионат што наредниот викенд ќе стартува во Македонија, Словенија и во Црна Гора, откако Французинките на денешниот контролен натпревар ја декласираа Полска со убедливи 33-25.

Иако се соочија со неочекувани проблеми со составот, актуелните светски шампионки покажаа дека се наоѓаат во одлична форма, на една седмица пред почетокот на ЕП и премиерниот дуел со Македонија во Скопје. Полска во ниту еден момент не беше достоен ривал за Французинките, кои во првото полувреме стигнаа до убедливи 17-10, во вториот дел имаа и двоцифрена позитива, за на крајот да слават со конечни осум гола предност.

Дуелот меѓу Македонија и Франција од првото коло на ЕП 2022 ќе се одигра на 5 ноември со почеток во 18 часот во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Покрај овие две селекции, дел од нашата група се уште и репрезентациите на Холандија и на Романија.

Се вчитува...