Ракометарите на Пролет прокнижија уште една победа во рамките од Супер-лигата, откако без многу мака ја оправдаа фаворитската улога на мечот со ГА, триумфирајќи со убедливи 27-21. Скопската пресметка мина во знакот на далеку постариот клуб, кој диктираше темпо и заслужено прокнижи нови бодови, со кои го зацементира учеството во плејофот, но и останува сериозен кандидат во трката за второто место во групата.
Одбраната беше заштитен знак на домашниот тим во првото полувреме, во кое ГА успеа да постигне само два погодоци во првите десет минути игра. Гостите не наоѓаа начин да ја минат зоната на Пролет, што овозможи избраниците на Лембанов набрзина да поведат со 9-3. Финишот од полувремето донесе мало опуштање во домашниот табор, што ракометарите на Матлиески го искористија за да намалат на 13-11.
Сите надежи за камбек на гостинскиот состав исчезнаа откако Пролет го отвори вториот дел со серија 5-1, со која домаќините си овозможија рутински да го приведат мечот до крај. Пролет имаше најубедливи „плус девет“ (26-19), по што домашниот стратег им даде шанса на дел од помладите ракометари, за конечен триумф од 27-21.
Капитенот Ласко Андоновски го предводеше победничкиот тим со седум гола, по пет постигнаа Јагуриновски и Пецаковски, додека во таборот на ГА најефикасен на денешниот меч беше Давид Даев со пет погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА