Македонија се подготвува за почетокот на Европското првенство во ракомет за жени кое покрај во нашиот главен град ќе се одржи и во Љубљана, Целје и Подгорица од 4. до 20. ноември годинава. Во пресрет битките во СЦ „Борис Трајковски“, раководството на Ракометната федерација на Македонија, денес имаше средба со сениорките и со стручниот штаб.
Пред нив говореше претседателот на федерацијата, Живко Мукаетов кој изјави дека ќе имаат бесусловна поддршка, со само едно барање – да го остават срцето на терен.
„Иако сме мала ракометна нација, можеме да се пофалиме со квалитетни играчи и стратези, но и со громогласна публика и страстни љубители на ракометот. Се што треба да направите е да дадете се од себе, да бидете посветени и да се борите до крај. Без калкулации и без потклекнување и предавање пред фаворитите, а со борба за секоја топка“, порача Мукаетов.
Како потсетување, во групната фаза македонската репрезентација силите ќе ги си одмери со Франција (05.11.2022), Холандија (07.11.2022) и Романија (09.11.2022).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА