ЕКИПА ИНТЕРВЈУ – ЉУБОМИР САВЕВСКИ: Верувам во девојките, Македонија има цел да го земе скалпот на големите фаворити

Отворено со најдобрите македонски спортисти. Оние кои секојдневно ги красат спортските страници, но и со оние подзаборавените. Нивните успеси, размислувања, желби и очекувања пред идните спортски предизвици – секој вторник на ЕКИПА.МК.

========================================================================================================================== 

Женската ракометна репрезентација на Македонија заедно со Словенија и Црна Гора од 4. до 20. ноември ќе биде домаќин на Европското првенство 2022 година. По тој повеод разговаравме со селекторот на селекцијата Љубомир Савевски. Тој во ексклузивно интервју за ЕКИПА.МК говореше за очекувањата од европскиот шампионат, но и за следните предизвици со кои треба да се соочи оваа нова генерација на македонски ракометарки. 

Тој вели дека го напуштил ракометот кога видел дека иако цел живот го посветил на него по толку години имал само седум години работен стаж, а главен виновник за неговото враќање е поранешниот спортски директор на репрезентацијата Левче Китевски. 

Популарниот Цевак вели дека кај Кирил Лазаров видов проект што тој го размислувал уште пред 20 години, а дека РК Алкалоид е нешто што му е потребно на македонскиот ракомет. Савевски додава дека е потребен женски тим/репрезентација во кој ќе бидат најдобрите ракометарки кои што ги има Македонија. 

==========================================================================================================================

Македонија немаше среќа со групата на Европското првенство. Кои се вашите очекувања од шампионатот? 

Навистина имаме тешка група на Европското првенство, но јас секогаш сум оптимист. Верувам дека овие девојки може да земат скалп барем на една од овие три велесили (Франција, Холандија, Романија). Во ракометот се случуваат изненадувања и верувам во тоа. Наша цел е да ја поминеме оваа тешка група, па потоа можеме да имаме и полесни противници, а тоа значи и голема шанса за што подобар резултат. Ние сме на почеток на една нова авантура во женскиот ракомет. По пауза од десет години повторно сме на големо натпреварување, а токму тоа треба да биде почеток на еден континуитет на Европските и Светски првенства. Верувам дека македонската публика која сака ракомет ќе дојде во голем број во СЦ „Борис Трајковски“ и ќе биде наш осми играч на овие три натпревари. Сите знаеме која е Франција во европскиот и светски ракомет. Холандија има неверојатна генерациј а која во последните години е дел од завршницата скоро на секое големо натпреварување, додека Романија ја има една од најдобрите ракометарки во историјата Кристина Неагу. Сепак, верувам дека овие девојки со максимална посветеност борба за секоја топка и поддршка од публиката можат да земат скалп на некој од фаворитите. 

УСПЕХОТ СО КАДЕТКИТЕ ТРЕБА ДА БИДЕ ИНИЦИЈАЛНА КАПИСЛА ЗА ВРАЌАЊЕ НА ЖЕНСКИОТ РАКОМЕТ ВО ВРВОТ НА ЕВРОПА И СВЕТОТ!

Работите со сите млади категории, а се почна со освојувањето на ЕХФ шампионатот со кадетската репрезентација. Колку сте задоволни од младите генерации и каква е иднината на женскиот ракомет? 

Дел од ракометарките кои стигнаа до трофејот на ЕХФ шампионатот минатата година сега се и во сениорската репрезентација. Тоа е голем успех што успеавме да стигнеме до трофејот на првенството во Литванија. Со тој успех ние се пласиравме на следни три големи натпреварувања. Одамна не се случило македонска женска репрезентација да биде дел од две Светски и едно Европско првенство. Мислам дека тој успех треба да биде иницијална каписла да создадеме квалитетна генерација која ќе може во следниот период да ја носи и сениорската репрезентација. Работам секојдневно со тие девојки и верувам дека можеме да го вратиме женскиот ракомет на врвот во Европа. 

МУКАЕТОВ И КИТЕВСКИ СЕ ГЛАВНИТЕ ВИНОВНИЦИ ШТО СЕ ВРАТИВ ПО ПАУЗА ОД ЕДНА ДЕЦЕНИЈА!

Скоро една деценија бевте надвор од ракометот. Која беше причината да се вратите во него? 

Точно десет години бев надвор од ракометот. Главен виновник за моето враќање беше поранешниот директор на репрезентацијата Левче Китевски. Разговаравме му предложив кои се моите идеи и погледи на ракометот и тој во разговор со претседателот на Ракометната федерација Живко Мукаетов ми понудија да пробаме да видиме и двете страни па ако бидеме задоволни да продолжиме и понатаму со соработката. Ги презедов младите категории и веднаш направивме успех со кадетките. Се договоривме да ја преземам и сениорската репрезентација и да почнеме еден проект за враќање на женскиот ракомет на големите натпреварувања. Многумина велеа дека јас често знам да имам „жолта минута“ и брзо да се откажам, но јас се откажувам само ако не се спроведува тоа што ќе биде договорено. Имам договор од две години со федерацијата, но и бланко потврда дека во секој момент може да ја напуштам, ако сметам дека не работам за подобрување на ракометот. Многу пати имам кажано дека јас се откажав од ракометот пред десет години кога видов дека имам само четири години работен стаж. Целиот живот го посветив на ракометот, а на крајот само четири години и седум месеци имав стаж. Тоа беше главната причина да се тргнам малку и да почнам да уживам во животот. Влегов во некои нови води, кои ме смируваа, но еднаставно оваа понуда од Мукаетов и Китевски не можев да ја одбијам. 

Бевте последниот македонски селектор кој ја водеше Македонија на Светско првенство. Верувате ли дека може оваа генерација да почне еден континуитет на големи натпреварувања и да биде дел и од Светското првенство кое следната година ќе се игра во Данска, Норвешка и Шведска? 

Светското првенство 2007 беше последно за нас. Поминаа точно петнаесет години. Верувам дека со добар резултат на Европското првенство ќе добиеме полесен противник во баражот и автоматски ќе ни се пружи шанса да бидеме дел и од Мундијалот. Реков неколку пати дека има голем напредок последните години во женскиот ракомет и овој шампионат на кој сме домаќини треба да биде почеток на една нова убава приказна. Девојките напорно тренираат и работат. Ако спроведеме добри подготовки и на теренот го пренесеме тоа што го работиме на тренинзите јас верувам дека можеме да се вратиме и на Мундијалите по пауза од шеснаесет години. Сепак, треба да одиме чекор по чекор. Прво да размислуваме за овие три натпревари кои не очекуваат за неколку дена, па потоа ќе гледаме што понатаму. 

КАЈ КИРИЛ ЛАЗАРОВ ВИДОВ ПРОЕКТ КОЈ ЈАС ГО ИМАВ ВО ГЛАВАТА УШТЕ ПРЕД 20 ГОДИНИ!

Дел сте и од РК Алкалоид. Како сте задоволни од соработката со Кире Лазаров и луѓето во клубот?

Минатата година го водев РК Алкалоид. Го прифатив тој предизвик бидејќи кај Кире Лазаров видов проект кој јас го имав во главата уште пред 20 години. На Македонија и е потребен клуб кој ќе создава ракометари. Тоа го говорев уште пред да се откажам од ракометот. Во нашата земја има многу талентирани деца со кои ако се работи на највисоко ниво ќе има резултати. Токму таква е работата во РК Алкалоид. На Кире треба само да му се остави време и во клубот и во репрезентацијата да ја оствари својата програма и плановите што ги има. Верувам дека машкиот ракомет ќе биде на уште повисоко ниво во следниот период. 

ПОТРЕБНА И Е НА МАКЕДОНИЈА СИЛНА ЖЕНСКА ЕКИПА!

Потребен ли е на Македонија женски тим/репрезентација во која ќе се произведуваат ракометарки за иднината нешто слично што е РК Алкалоид кај мажите?

Дефинитивно на Македонија и е потребен таков проект и во женскиот ракомет. Не мора тоа да биде Алкалоид, може да е било кој клуб во домашниот шампионат кој што ќе има силен спонзор, добри услови за работа и ќе ги собере најдобрите ракометарки што ги имаме. По згаснувањето на Кометал Ѓорче Петров, Македонија веќе нема таков клуб. ЖРК Вардар беше „ол-стар“ тим на најдобрите во Европа, но немаше голем борј македонски ракометарки. Ние во моментов како репрезентација одржуваме тренинзи во ДИФ со ракометарките кои што се дел од спортската академија, но потребна е уште поголема работа и тие девојки да се заедно. Ќе повторам уште еднаш дека би било идеално сценарио додека се направи еден таков тим со силен спонзор и верувам дека на тој начин ќе го подигнеме на големо ниво женскиот ракомет.

Се вчитува...