ПОЧНУВА ЕП 2022 – Македонија повторно на континенталните собири, ќе успее ли некој да ја „детронизира“ Норвешка?

Со четири натпревари денеска стартува 15. Европско првенство во ракомет за жени на кое домаќини ќе бидат Македонија, Словенија и Црна Гора. Денеска стартуваат мечевите во групите А и Б кои се играат во Целје и Љубљана, Словенија, додека групата на Македонија и таа која се игра во Подгорица на програмата се утре.

Македонија по 10 години повторно се враќа на големите собири, откако последен пат женската репрезентација настапи на шампионатот во 2012 година кој се играше во соседна Србија.

Актуелен бранител на трофејот е Норвешка која и на овој континентален собир влегува како прв фаворит, а својот пат кон нова титула ќе го почне вечерва со дуелот против сензацијата на минатото првенство репрезентацијата на Хрватска. Покрај овој меч во групата А ќе се сретнат и Унгарија и дебитантот Швајцарија.

Во групата Б домаќинот Словенија ќе отвори против репрезентацијата на Данска, додека Шведска ќе игра со Србија.

Каков главен конкурент на Норвежанките за титулата е актуелниот олимписки шампион Франција, кој се наоѓа токму во групата во Скопје заедно со уште еден од фаворитите, Холандија, Македонија и Романија предводена од Кристина Неагу.

Во Д групата Шпанија би требало да биде во пол-позиција пред Германија, Црна Гора и Полска.

Се вчитува...