Женската ракометна репрезентација на Македонија по пауза од десет години се враќа на големите натпреварувања. Македонија од 4. до 20. ноември ќе биде домаќин заедно со Словенија и Црна Гора на Европското првенство на кое секако се и македонските девојки во Групата Ц во Скопје.
Македонија се најде во тешка група заедно со репрезентациите на Франција, Холандија и Романија. „Црвено-жолтите“ девојки ќе имаат многу тешка задача да ја минат оваа група, но целта е да се земе скалпот на некој од фаворитите.
Левото крило во репрезентацијата Јована Саздовска вели дека иако е тешка групата тие веруваат дека можат некого да изненадат.
„Знаеме со кого се соочуваме и кои ни се противници. Три репрезентации кои се во кремот на Европа. Имаме навистина тешка, но ние не влегуваме со бело знаме. Веруваме дека можеме да добиеме некој натпревар. Одиме на победа, а најголема можност веројатно ни е Романија. Почнуваме со Франција натпревар кој ќе биде многу тежок, но мислам дека со срце на терен ќе можеме да се надигруваме со секого. Очекувам полна сала и поддршка од македонската публика“, изјави Саздовска.
Македонија шампионатот го почнува на 5. ноември со мечот против актуелниот олимписки шампион Франција. Два дена подоцна играме со Холандија, додека првата групна фаза ја завршуваме со мечот против Романија на 9. ноември.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА