Савевски: Оваа Франција е најдобрата во историјата, се надевам дека ќе направиме чекор напред

Женската ракометна репрезентација на Македонија по пауза од десет години се враќа на големите натпреварувања, откако од 4. до 20. ноември ќе биде домаќин заедно со Словенија и Црна Гора на Европското првенство.

Македонија се најде во тешка група заедно со репрезентациите на Франција, Холандија и Романија. „Црвено-жолтите“ девојки ќе имаат многу тешка задача да ја минат оваа група, но целта е да се земе скалпот на некој од фаворитите.

Селекторот Савевски пред првиот натпревар со Франција вели дека ова е најдобрата генерација на оваа земја во историјата…

„Ова е најдобрата репрезентација на Франција досега. Имаат спој на искусни и млади играчи што е нешто фантастично. Се надевам дека како што игравме со Норвешка ќе успеем да одиграме и со Франција да парарираме што подолго. Сите ракометарки што ќе бидат во тимот се класа. Наша цел е да покажеме карактер и да покажеме дека сме во нагорна линија со формирање на оваа репрезентација која е спој на кадети/јуниори и сениори кои се во странските клубови. Се надевам дека ќе направиме чекор напред, пресрет квалификациите за Светско првенство и ќе имаме поволен ждреб. Ако бевте присутни на кадетското првенство немаше голем интерес. Нашиот народ е научен да има тим кој се бори за шампионска титула. Можеби овој период од десет години го направи женската репрезентација која беше во зимски сон и веројатно затоа е тоа така. Богатството на оваа репрезентација е младоста. Ако успееме да направиме спој на младост и искуство и да го подигнеме квалитетот на игра на младите ракометарки ќе биде голем плус за Македонија. Чест е Македонија што ќе го види светскиот крем на едно место. Имавме мали проблеми со повреди на Маџовска и Арсениевска. Сепак, тие вчера тренираа и се надевам дека сите ќе бидат подготвени. Сето ова е малку збунувачки за моите ракометарки бидејќи е нешто ново. Нервозни сме како се приближува шампионатот, но за мене е важно да покажат карактер и добра игра, бидејќи Франција е репрезентација која може да победи секого колку разлика сака, нешто слично ќе биде и со Холандија. Имаме многу тешка група и се надевам дека ќе ја надминеме нервозата и девојките ќе покажат и повеќе од тоа што го знаат во моментов“, изјави Савевски.

Македонија шампионатот го почнува на 5. ноември со мечот против актуелниот олимписки шампион Франција. Два дена подоцна играме со Холандија, додека првата групна фаза ја завршуваме со мечот против Романија на 9. ноември.

Се вчитува...