Македонската женска репрезентација загуби очекувано и од големиот фаворит Холандија во вториот натпревар на Европското првенство кое се одржува во Скопје. За избраничките на Љубомир Савевски сега останува пресметката со Романија утре преку која, со евентуална победа, може да се бара шансата за место во главната фаза на европскиот шампионат.
Јасно е дека ќе биде нов тежок меч за македонските ракометарки, но силна е вербата кај девојките да се дојде до поквалитетно издание против Романките и да се искористи секоја евентуална шанса за успех.
„Мора најпрво да се заблагодарам на сите прекрасни луѓе кои се на трибините во Борис Трајковски и ни даваат поддршка на натпреварите. Искрено, ние сме сите без искуство на вакви големи натпреварувања и ете се обидуваме на секој натпревар да бидеме подобри. Правиме многу грешки на натпреварите, кои ќе мора да ги запреме ако сакаме конкурентност. што е резултат и токму на тоа неискуство“ – вели Сара Ристовска, притоа дополнувајќи:
„Ни останува уште еден натпревар, тој со Романија, кој е многу важен за нас. Денеска ќе имаме анализа на противникот, и веруваме дека ќе можеме успешно да парираме на Романките утре. Мора да продолжиме со максималната борбеност на натпреварите до последната минута. Романија е за нас последна шанса, мора да собереме сили сите до една почнувајќи од мене, па зошто и утре да не се радуваме“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА