Видерер: Од Вардар добивавме само ветувања, никој не сакаше да го исклучи, но немавме избор

Првиот човек на Европската Ракометна Федерација, Михаел Видерер, вчера и денеска престојуваше во Скопје како специјален гостин на РФМ за време на европскиот шампионат и групата што се одржува во нашиот главен град.

Видерер денеска имаше медиа-брифинг со новинарите од водечките ракометни и спортски медиуми, на кој меѓу другото првиот човек на европскиот ракомет ја прокоментира и ситуацијата со Вардар и суспензијата што му беше изречена на македонскиот првак непосредно пред ждрепката за групната фаза од Лигата на Шампионите.

„Мора да разберете, никој од ЕХФ не сакаше да се реши на ваков чекор бидејќи знаеме дека станува збор за двократен европски првак. Се обидовме да најдеме поинакво решение, во бројни ситуации добивме ветувања, но се остана само на тоа, на зборови. Изнаоѓањето на решение се одложуваше повторно и повторно, искрено верувам дека луѓето од Вардар се надеваа дека ќе успеат да ја средат ситуацијата, но кога не успеаја во тоа, повторно се бараше поинакво решение и одлагање. Од друга страна, ние бевме под притисок од останатите клубови, кои се жалеа дека Вардар победува „мамејќи“, нудејќи им на ракометарите огромни плати за да ги донесе, а потоа не им ги исплаќаше. Откако увидовме дека нема начин да бидат подмирени обврските, бевме приморани да ја изречеме мерката исклучување од групната фаза од ЛШ, нешто што искрено не сакавме да се случи“, изјави Видерер.

Тој не дава гаранции ниту дека Вардар би можел да учествува во елитното европско натпреварување наредната сезона, доколку „црвено-црните“ останат прваци на Македонија.

„Треба да разберете, со Вардар постојат два аспекти на ситуацијата, првиот е долговите кон играчите и тренерите од минатите сезони, а вториот е ризикот за опстанок на клубот. Не зборувам за опасност од целосен колапс или банкрот, туку дека она првото, долговите може да донесат до блокирање на сметка и потоа за значително ослабување на екипата и не можност да се продолжи натпреварувањето во текот на сезоната. Тоа е нешто од што ЕХФ е директно засегнат, бидејќи ние ја нудиме Лигата на Шампионите како врвен продукт во договорите за ТВ-права и воопшто не сакаме да влегуваме во ризик дали некој тим ќе може да ја заврши сезоната со респектабилен состав. Затоа, од сегашна перспектива не можам да ви кажам: Да, Вардар ќе игра во ЛШ, или дека нема да игра. Она што ќе треба е сите долгови да бидат подмирени, но и федерацијата од своја страна да даде одредени гаранции дека нема да дојде до несакани ситуации или потреси во однос на функционирањето на клубот среде сезона“, порача првиот човек на ЕХФ.

Се вчитува...