ЕКИПА во Љубљана,
Стеван Цаневски
Норвешка ја продолжи доминацијата на женската ракометна сцена откако оваа скандинавска селекција ја одбрани европската титула, во финалето од ЕП2022 совладувајќи ја Данска со резултат 27-25. Данките долго време беа во водство, но Норвежанките заиграа најдобро кога беше најважно, направија пресврт и стигнаа до своето деветто злато на европските шампионати.
Дуелот почна со подобра игра на селекцијата на Данска, која од самиот старт го диктираше темпото. По водство од 4-3 Данките заиграа уште подобро во нападот и одбраната, експресно зголемувајќи ја предноста до 7-3. За немоќта на Норвешка најдобро говори фактот дека актуелните светски шампионки по 18 минути игра имаа само четири постигнати погодоци (8-4). Норвежанките предводени од Нора Морк пред крајот на полувремето конечно се разбудија во нападот, но сепак на одмор заминаа со негатива од три гола (15-12) бидејќи и данските ракометарки на спротивната страна лесно го наоѓаа патот до мрежата.
Долго во текот на второто полувреме разликата се движеше меѓу два и три гола, за Данките први да врзат два погодоци и да поведат со „плус четири“ (22-18). Токму тогаш Норвешка се разбуди, Лунде по влегувањето на голот донесе сигурност во одбраната, Норвежанките се полесно погаѓаа и во нападот, за нецели четири минути израмувајќи на 22-22. Данска тотално излезе од ритам, а искусниот норвешки состав знаеше како да го искористи тоа и со одлична игра во завршните пет минути да слави со конечни 27-25.
Нора Морк со осум и Бреистол со четири погодоци беа најефикасни во норвешкиот табор, додека кај Данска прв стрелец во ова финале беше Бургард со шест погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА