Бенфика го претстави новиот тренер, следен е Филип Талески

Ракометниот клуб Бенфика денеска и официјално го претстави Шпанецот Жота Гонзалез за нов тренер, откако 51-годишниот стратег потпиша двогодишен договор со тимот од Лисабон. Договорот беше постигнат уште пред неколку месеци, но денеска дојде до официјална промоција по која се очекува Бенфика да почне и со потписи со новите засилувања во клубот, меѓу нив и македонскиот репрезентативец Филип Талески.

Гонзалез во последните години му беше асистент на Раул Гонзалес во ПСЖ, но се реши за предизвик како прв тренер прифаќајќи ја понудата на Бенфика.

„Пресреќен сум што доаѓам во Бенфика, сериозен клуб со фантастични навивачи. Доаѓам да го дадам максимумот, да се борам за трофеј, за сите можни трофеи. Верувам дека ќе создадеме силен тим со кој ќе можеме да ги оствариме зацртаните цели“, изјави Жота при потписот на договорот.

Едно од првите засилувања се очекува да биде токму Филип Талески. Македонскиот „бомбардер“ е слободен играч по истекот на договорот со Вардар, а португалските медиуми уште пред два месеци објавија дека тој веќе ги договорил условите за преселба во Бенфика.

Се вчитува...