Александар Зарков нема да го води вториот тим на Еурофарм Пелистер во наредната сезона откако поранешниот македонски репрезентативец реши да прифати меѓународен предизвик во кариерата, па летово ќе се пресели на клупата на Неа Јонија. Станува збор за женски клуб кој е освојувач на Купот на Грција минатата сезона, чии челници се надеваат дека со Зарков на клупата би можеле да го нападнат и шампионскиот трофеј.
Разделбата од тбитолската ракометна легенда попладнево го потврди и раководството на Еурофарм Пелистер.
„РК Еурофарм Пелистер 2 ја известува јавноста дека на истек на договорот ова лето клубот го напушта тренерот на екипата Александар Зарков. Заради интернационален предизвик Зарков се одлучи за нов почеток и нашиот клуб му посакува успеси и многу среќа.
Зарков е жива легенда на нашиот клуб, човек кој како играч освои шест титули шампион на Македонија, а беше дел од стручниот штаб и во седмата титула, освоена во сезоната 2022/23. Во последните неколку години беше дел од стручниот штаб Еурофарм Пелистер 2, а од февруари годинава ја презеде екипата како прв тренер по именувањето на Александар Јовиќ во Еурофарм Пелистер.
Вратите на нашиот клуб секогаш ќе бидат отворени за личност и спортист како Александар Зарков. Новиот тренер на Еурофарм Пелистер 2 наскоро ќе биде официјализиран и претставен пред јавноста“, се вели во соопштението на битолчани.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА