Германскиот стратег Фрустенберг ќе одржи семинар за македонски ракометни тренери во Охрид

Во насока на подигнување на квалитетот, проширување и надградба на знаењето на учесниците но и на тренерскиот кадар кој работи со младите ракометари во Македонија, организаторот на ракометниот камп „40х20“, агенцијата КМГ Груп Спорт,  организира гостување на германскиот ракометен стручњак Фалк Фрустенберг на второто издание на кампот во Охрид, во улога на предавач на еднодневниот бесплатен семинар наменет за македонските тренери, кои работат со млади категории.

Организаторот на кампот, во соработка Здружението на ракометни тренери на Македонија (ЗРТМ), ќе организира бесплатен еднодневен семинар, заеднички ручек и дружење на сите тренери на семинарот. Истиот е предвидено да се одржи на ден 06.07.2023 година (четврток) и е предвиден да биде реализиран во два дела:

  • Првиот дел од семинарот е теоретски и ќе се реализира во конгресната сала на Хотел „Аквалина“ од 12 часот.

Тема на предавањето:  Рамковен тренинг концепт (РТК) на Германскиот ракометен сојузРамковниот концепт за тренинзи (РТК) на Германската ракометна федерација покажува идеално типичен пат од тренинзи за деца кои се ентузијасти за ракометот до тренинзи насочени кон подобрување перформансите на ракометарите од повозрасните младински категории.

РТК претставува збир на долгорочни и развојно ориентирани обуки за млади луѓе преку пет нивоа на обука – од основна обука преку основна, напредна обука 1 и 2 до последователна обука. Обуката претставува основа за ориентација за училиштата, ракометните клубови и сите институции кои бараат таленти и го промовираат ракометот .

  • Вториот дел е практичен и ќе се реализира на терените, во попладневните часови во комплексот на Хотел „Аквалина“.

Предавач на семинарот е Фалк Фрустенберг (Германија), тренер со исклучително богато искуство во сегментот на работа со млади категории, а во моментов со функција на главен инструктор и предавач за обука и лиценцирање на тренери во Бранденбург ракометниот сојуз (Германија).

Се вчитува...